
По пуштањето на употреба на системот за евидентирање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, во јавноста се отворија повеќе дилеми околу начинот на казнување при заглавувањето на оние семафорски крстосници каде возачите кои свртуваат лево треба да ги пропуштат оние кои одат право, а при чекањето семафорот се затвора и овие првиве остануваат заглавени на крстосницата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во однос на оваа ситуација, изјави дека заглавувањето среде крстосница ќе се евидентира како посебен прекршок и нема да се води како поминување на црвено, туку како отежнување на движење на крстосница, што се санкционира со казна од 45 евра.
Со коментар за санкционирањето за ваквите видови на ситуации излезе познатата инфлуенсерка Ина Многуфина.
„Значи ако одам од Судска накај Центар и сум на семафорите кај Мавровка, на трета лента се паркирани оние на кои никој ништо не им може кај шо тепаше пајакот, од десно од Бит Пазар идат коли кои не можат да се приклучат во трета лента пошо е резервирана за кафичот па се пикаат во втора и уште ако земе некој од оние на лепак или луѓено ко на седитиви што не знаат кај се фатат да проаѓаат на црвено и ги пропуштам, јас ќе платам 45 евра и сум прошла на зелено? Важи“, гласеше статусот на Ина.