
По неодамнешните поскапувања на паркингот за жителите на Центар, со реакција се јави скопјанец кој, за вчера, сведочи дека не можеле да се вратат до дома со своите автомобили.
- Нов ден, нов хаос од ЈП Паркинзи на Општина Центар и Горан Герасимовски. Иако имаме важечки паркинг-картички, денес не можеме ни до дома да се вратиме. Одеднаш картичките престанале да работат и морале да се обновуваат – уште еден доказ за неспособноста на раководството во ПОЦ, сподели Лазар Банов вчера.
Нагласува дека за центарци има помалку паркинг места, повеќе проблеми за станарите, но и никаква одговорност од надлежните.
- Станарите и претходно имаа проблем редовно да се паркираат пред своите домови, бидејќи Герасимовски и неговиот директор делеа паркинг-картички на кого ќе стигнат. Очигледно, Герасимовски и луѓето околу него решиле целосно да го уништат и она малку паркинг-простор што остана во Центар. Наместо решенија за граѓаните, гледаме неконтролирано издавање дозволи за градба врз постојни паркинзи, како што е случајот со Рамстор, порача овој скопјанец.
Инаку, иницијатива за враќање на стариот ценовник на ПОЦ, најави советничката во Советот на општина Центар Катерина Костадинова од ВМРО ДПМНЕ.
„Поради бројните реакции на граѓаните, ќе поднесеме иницијатива за враќање на стариот ценовник на ПОЦ, како прв чекор до конечно ослободување на центарци од погубните политики на Герасимовски и СДС“, изјави пред некој ден советничката.