На 54 години, Корун Кукуловски од Ресен се бори со рак на простата и не може да се лекува бидејќи претпријатието каде што е вработен, Јавното претпријатие "Национални шуми", не ги платило придонесите за последните три месеци.
Кукуловски започнал со терапија во февруари и сега треба да направи пет скен на Урологија во Државната болница во Скопје. Резултатите од оваа дијагностика ќе одлучат дали му е потребна операција. Сепак, поради неплатените придонеси за здравствено и пензиско осигурување, му било кажано дека не може да закаже скенирање.
"Разговарав со директорот во нашата подружница во "Национални шуми" и му ја објаснив целата ситуација, тој ми вели дека не зависи од него, туку од надлежните во ЈП "Национални шуми" во Скопје. Значи, дали да седам со скрстени раце и да чекам да умрам, или има во државата институција која е надлежна за вакви случаи и која може веднаш да го реши проблемот, настанат не по моја вина? Се работи за рак на простата, не за настинка!
Информиран сум дека доколку треба да се оперирам, операцијата изнесува околу пет илјади евра. Бев во Фондот за осигурување, понудив сам да си ги платам придонесите, за да можам да се лекувам, и од таму ми кажаа дека не може, огорчено раскажува ресенчанецот.
Мој колега шета со месеци со катетер, и тој не може да се лекува, и не знае каде да се обрати за помош. И за уште еден вработен знам дека има сличен проблем, луѓето молчат и трпат. Во каква држава живееме, кога работникот се соочува со вакви ситуации? Ја замолувам институцијата која ќе се прогласи за надлежна за мојот случај, ако има таква, да ме контактира. Да знам каде да барам спас! Живот е во прашање!'', алармира Кукуловски.
Tој додаде дека не е единствениот во претпријатието кој се соочува со ваков проблем. И други негови колеги поради неисплатени придонеси, немале опција да се лекуваат.
Јавното претпријатие "Национални шуми" веќе беше во центарот на вниманието во март годинава, кога околу 2.000 вработени од 30 подружници штрајкуваа поради неплатени плати и придонеси.