Има интерес од доктори што работат во приватните да се вратат во јавните здравствени установи, рече Таравари

Има интерес од доктори што работат во приватните клиники да се вратат во државните, истакна министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција по повод 100 дена нова Влада.

„Имаше забрана од тогашната влада од јули или авуст 2022 година да не може од приватните да преминат во јавните здравствени установи. Пред три недели помина на Влада да се тргне таа забрана и сега подготвуваме правилник во Министерството за здравство. Не може сите доктори, туку само оние што се специјалисти, како фармацевти, стоматолози, анестезиолози, радиолози, но само доколку директорот на клиниката ни каже дека има потреба од тие кадри, а тие се докажани и во одреден период заминале и сега гледаат надеж во јавното здравство и сакаат да се вратат. Само кај мене се јавиле 10-ина доктори колеги, кои се врвни стручњаци во нашата држава и полека почнуваме да ги враќаме“, посочи министертот Таравари.

Според него, ова е навистина добар чекор и се надева дека в година ќе се продолжи со враќање на докторите во државните здравствени установи.

Таравари додаде и дека унапредувањето на здравствената заштита на сите граѓани било главен приоритет во изминатите 100 дена.

„За таа цел, заедно со нашиот тим во континуитет сме посветени да им излеземе во пресрет на потребите на пациентите и на сите фактори во здравствениот систем во Македонија. Позитивната листа мислам е најглавната работа што ја реализиравме. Се работи за 9 нови генерички лека, односно вкупно 87 лека во разни пакувања. Реализиравме заштеда со укинување на економските директори. По нормална процедура ја поминавме во Владата претходно, потоа и во парламентот и сега на сите клиники и во сите болници што имаат над 1.000 вработени практично имаме по еден директор“, рече министерот Таравари.