Иако беше најавено, се уште не е започната oбновата на салата „Партизан"

Општина Карпош не може да почне со обнова на култната сала „Партизан“ во Скопје бидејќи уште чека Владата да ѝ ја предаде во владение. Во јануари, советници од кабинетот на премиерот Зоран Заев на состанок со градоначалникот на Карпош Стефан Богоев договорија дека салата која била дадена под концесија ќе се врати во сопственост на државата оти концесионерот не го почитувал договорот, по што ќе се даде во владеење на Општината, пишува СДК

Оттогаш помина пола година, но Општината уште не ја добила салата. Општинарите заедно со двајца архитекти од Шпанија и Бразил изработија проект за реновирање и повторно враќање во функција на сега уништената и распадната сала, но не може да почнат со реновирање.

„Чекаме да ја добиеме салата од Владата. Додека тоа не се заврши не можеме ништо да направиме. Проект имаме, сакаме да аплицираме за добивање помош од странски фондови бидејќи како Општина немаме средства сами да ја обновиме. Но, за да аплицираме мораме прво да ја добиеме во наша сопственост“, вели градоначалникот Богоев.

Од Владата одговорија дека постапката за доделување на салата во сопственост на Општината е во тек, но не кажаа до кога ќе трае.

„Постапката за доделување на салата ‘Партизан’ на Општина Карпош е во тек. Во интерес на граѓаните и на спортските работници штом заврши истата јавноста ќе биде информирана“, велат кусо од Владата.

Салата „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Сега некогашната култна сала е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и кога ќе влезете внатре помислувате дека во секој момент може целосно да се урне.