И во Германија „не тече мед и млеко“ ако не знаеш јазик, велат нашите гастрабајтери

И последниот попис покажа дека голем е бројот на иселеници од земјава. Многумина ја одбираат Германија за, како што велат, подобра егзистенција и поорганизиран систем за живеење.

Голем број иселеници, по традиција, дел од летниот одмор го минуваат тука, во Македонија, за да се видат со своето пошироко семејство.

Поразговаравме со дел од нив за животот на Македонците во Германија.

Велат дека корона пандемијата променила многу нешта за разлика од претходно, па така коменираат дека и Германија не е тоа што била некогаш.

Задоволни се од образовниот и здравствениот систем, но велат дека доколку не се знае германски јазик многу тешко може да се снајдеш на пазарот на труд.

-Пандемијата промени многу нешта. За работа во приватниот сектор е многу тешко доколу не знаеш јазик дури и да имаш документи. Тргнувајќи од интервјуто за работа, па се до секојдневната комуникација, дури и во нискоквалификуваните сектори мора да знаеш барем основно ниво на германски јазик, вели скопјанец кој веќе 5 години е преселен во Минхен, а секое лето доаѓа по посета на семејтвото во Скопје.

Летовите се евтини, а може да се допатува и со автомобил, вели тој и додава дека и членови од неговото семејство во текот на овие пет години доаѓале на гости кај нив во Германија.

-Имам две деца во основно образование во Германија. Презадоволни сме од организираноста на образовниот систем. Да, навистина е строго, има ред и десциплина што во Македонија се исклучок. Освен стандардните часови, има голем избор за квалитетни воннаставни активности за децата, споделува овој скопјанец.

-Исто сакам да споделам позитивно искуство со здравствениот систем, бидејќи сум осигуран преку компанијата во која работа. Откако се пожалив на главоболка и сакав снимање, ме прашаа дали е итно, или може да почекам 3 седмици за магнетна резонанца за која платив минимална сума, а докторот беше навистина професионален и детално ми ја објасни здравствената состојба, што ретко е случај во Македонија доколку не платиш на приватно, вели овој нашинец во Германија.

Сепак, она што многумина го прераскажуваат е дека работата е како што велат тие „хард кор“.

Зависно од работодавачите, има работни места каде се работи и по 12 часа со една пауза.

-Нема кафе и цигара пауза на секои половина час. Се работи турбо, топло, ладно, загушно во просториите...Голем број нашинци работат и по две работни места. Сепак, платата е предизвик зошто се мачите сите таму. Но, освен тоа задоволство е да се живее во организиран систем, ова го пренесуваат голем број нашинци.