
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, утрово добил смс-порака за сторен сообраќаен прекршок забележан од системот „Сејф Сити“, додека со своето приватно возило се движел кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО–ДПМНЕ.
Како што објави, системот регистрирал движење со брзина што ја надминала дозволената за само 1 километар на час.
- Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без оглед кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани“, порача Тошковски.
- Управувањето со возило е обврска, не привилегија. Така се гради доверба, така се гради безбедност. Целта на „Безбеден град“ не е казнување, туку ред, дисциплина и спасување човечки животи. Со алармантниот број на жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме личен пример и одговорност. Оваа држава ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите, вклучувајќи не и нас кои сме најодговорни за нивното спроведување, додава тој во својата објава.