И покрај големите долгови, во Град Скопје се реализираат проекти, порача Арсовска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вчерашното гостување во емисијата Трилинг на ТВ 24 истакна дека во изминатите неколку месеци откако стапила на функцијата градоначалник на град Скопје, се соочува со секојдневни опструкции по работењето на градот и градската администрација, а со цел како што вели градоначалничката, да се профилира во првите 100 дена како неуспешен градоначалник за проекти за чија видливост се потреби повеќе од 100 дена.

- Град Скопје е оставен во огромни долгови, нетранспарентно трошени средства, проекти коишто биле отпочнувани само за ПР, за што немало ниту соодветна подготовка ниту пак соодветна анализа. Сега ги решаваме сите овие проблеми, додека некој се обидува да прикаже дека некој овие проекти ги стопира. Ова е само еден начин како да се изманипулира јавноста и да и се прикаже дека некој не работи кога вистината е токму спротивното. Некој намерно довел овие проекти да бидат во фаза во која ќе бидат целосно предизвик за реализација и ние во овие четири месеци успеавме најголемиот дел од нив да ги откочиме. Голем дел од оние проекти што биле застанати во претходните четири години сега веќе ги отпочнуваме со реализација. Еден таков проект е Луна паркот во Скопје, рече Арсовска.

Таа додава дека и покрај опструкциите, градот успеа да ги изменаџира планираните активности и да покаже резултати уште во првите 100 дена, а сите активности кои што беа ветени за реализација во првите 82 дена беа исполнети и испорачани за скопјани.

- Сите работи ветени за првите 82 дена од мандатот ги реализиравме токму онака како што ги ветивме. Планираме да се реализираат капиталните проекти коишто се најавени и се буџетирани на почетокот на годината, меѓутоа, сега е многу поважно да се посветиме на хуманата агенда, односно да им помогнеме на граѓаните. Сите средства со коишто располагаме крајна цел е да се вратат кај граѓаните преку квалитетни услуги кои ќе ги овозможиме, имајќи во предвид дека сега се наоѓаме во незавидна ситуација што по основ на големите долгови што се наследени, меѓутоа и како резултат на економската, енергетската и здравствената криза, вели градоначалничката на Град Скопје.