И општина Ѓорче Петров ќе му помага на Вардар

Најтрофејниот македонски клуб Вардар долго време се соочува со финансиски проблеми, па поради тоа помош најавија неколку скопски општини, а на нив се приклучи и локалната самоуправа на Ѓорче Петров.

Градоначалникот Александар Стојкоски денеска имаше средба со претставниците од навивачката група Комити кои што во изминатиот период макотрпно работат на издигнување на клубот, но и на националната свест.

Стојкоски информира дека се договориле фудбалскиот клуб Вардар да го користи фудбалското игралиште во Волково, каде што ќе тренираат младинските категории и сите оние кои што ќе имаат потреба од теренот.

-По убавата вест за влегувањето на клубот во првата македонска фудбалска лига, оваа помош од Општина Ѓорче Петров ќе придонесе во решавањето на проблемите на ФК Вардар на долг рок.  Наш императив е поддршка и развој на спортот, а ситуацијата на ФК Вардар е вистинска можност да покажеме човечка и спортска емпатија. Токму поради тоа се одлучивме на овој чекор, напиша Стојкоски.