И кај нас ќе има привилегии за младите кои ќе се вакцинираат против ковид

По примерот на западните земји, каде со сертификатот за вакцина, младите добиваат попусти, гратис храна, пијалок и други награди и македонската влада планира стимулативни мерки за привлекување на оваа група граѓани да се вакцинираат.

Во програмата на новата Влада предводена од Димитар Ковачевски се предвидуваат стимулативни мерки за зголемување на интересот за вакцинација кај младите, како целна група која има најголем отпор кон имунизацијата.

Оваа најава предизвика низа реакции кај овој дел од популацијата. Повеќето велат дека стимулативните мерки нема да ги натераат да се вакцинираат ако веќе одлучиле дека нема да го сторат тоа. -

-Малку е небулозна оваа најава. Станува збор за одлука за сопственото здравје. Секој сам одлучува дали ќе се вакцинира или не! Доколку решил да се вакцинира тоа е за да го заштити своето здравје, и не верувам дека било какви попусти или привилегии ќе го натераат да се вакцинира ако е против, смета еден млад скопјанец.

-Зборуваме за млади, но полнолетни граѓани кои се доволно зрели да одлучат сами. Никакви мерки тука не помагаат, коментира друг граѓанин.

-Гледајќи дека се заразуваат и вакцинирани, не верувам дека овие мерки ќе имаат некаков бенефит за општеството во оваа пандемија, скептичен е еден граѓанин.

Има и такви кои велат, дека овие мерки ќе бидат оправдани.

-Да, добро е што примерот на други европски земји ќе има некаков бенефит за младите кои одлучиле да придонесат за колективното здравје, смета една млада жена.

Иницијативите за вакцинирање во западните земји се движеа од гратис производи кај одредени компании, до милионски лотарии во одредени држави во САД. Во Германија по вакцинирањето, како стимул младите добиваат гратис пиво и колбаси, во Нов Зеланд беше организиран фестивал за вакцинација со бендови во живо, додека пак во Романија вакцинираните млади добиваа бесплатен влез во замокот на Дракула.