Хуманост на дело: Над 130 оброци дневно за оние на кои им е најпотребно

Веќе една недела секојдневно се делат околу 130-140 оброци во црквите „Свети Спас“ - Драчево и „Свети Никола“ - Аеродром. Граѓаните донираат продукти кои се готват за оние на кои им е најпотребна помош во моментов, вклучувајќи се во акцијата која ја организира „Сите сити“ и Хуманитарната организација „Свети Спас“. 

Во време на економска криза, граѓаните и граѓанските организации соработуваат меѓусебно за помош и поддршка на сите кои имаат потреба од топол оброк. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии и позитивни коментари за акцијата, која е од големо значење во овие предизвикувачки времиња.

Инаку „Сите сити“ е систем за донирање и дистрибуција на храна до граѓаните на кои им е потребна. Во организацијата се вклучени граѓански организации, а во организацијата развиена е транспортна и дистрибуциска мрежа, во зависност од видот на храната и потребата на корисниците, како и веб платформа за поврзување на бизнисите и донаторите со граѓанските организации за видот на храната количините и кога можат да бидат преземани. Главни донатори се производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти и пекарниците.

„Свети Спас“, пак, е  хуманитарна организација при Скопската православна епархија на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Дејноста на Х. О. „Свети Спас“ е позитивен пример за посветена и неселективна хуманост.