Хрватска премиера на македонскиот филм „М“ на Пулскиот филмски фестивал

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија ќе ја има хрватската премира во рамите на официјалната конкуренција за наградите „Златна арена“ на годинешното 71. издание на Пулскиот филмски фестивал.

Дистописката бајка за загубеното момче во опустошениот свет на нашата блиска иднина, чиј мнозински продуцент е Дарко Попов од „Фокус покус филмс“, е реализирана, меѓу другите, во копродукција со хрватската продукција „4 филм“ и Хрватскиот национален аудиовизуелен центар.

Филмскиот фестивал во Пула, со мотото „Филм под ѕвездите“, е еден од најстарите и водечки регионални фестивали. Основан во далечната 1954 година, овој настан континуирано се одржува до денес, со две откажувања во 90-тите за време на воените превирања во регионот.

Почнат како смотра на најзначајните домашни остварувања од времињата на поранешна Југославија, во последните децении, програмата на Пулскиот фестивал се трасформира и распределува во две натпреварувачки категории – за хрватски продукции и копродукции, како и интернационална селекција.