Хрватите и Србите се подготвуваат за задолжителен воен рок – до каде се Македоницте и дали се спремни да ја бранат државата доколку е потребно?

Случувањата во изминатите неколку месеци на меѓународната сцена, несомнено ги отвораат старите, но и нови безбедносни прашања во повеќето региони во светот, а таква е ситуацијата и на Балканот. Веќе со години, земјите од соседството се наоружуваат со модерни оружја, а во последните година дена се повеќе актуелно станува и задолжителното служење на воен рок.

Хрватска повторно го воведе задолжителното служење на воен рок, кое ќе биде во траење од два месеци. Исто така, српскиот претседател, Александар Вучиќ најави дека оваа година и Србија ќе го стори истото, односно ќе го вратат задолжителното служење на воен рок, за кое рече дека ќе трае 75 дена.

Во однос на тоа каква е позицијата на нашето Министерство за одбрана, Скопје Инфо упати прашања до институцијата за тоа дали се размислува за воведување на задолжително служење на воен рок во Македонија и за тоа како Министерството ги толкува овие постапки во соседството. Од таму ни одговорија дека ставот на Министерството за одбрана и Армијата во однос на можноста за повторно враќање на задолжителен воен рок е конзистентен и непроменет, а тоа е дека во моментов не постои потреба од враќање на задолжителниот воен рок.

„Професионализацијата на Армијата е процес кој беше успешно спроведен пред две декади и истиот овозможува соодветна пополнетост и силна борбена готовност на Армијата. Македонските граѓани на возраст од 18 до 26 години и денеска со поднесување лично барање до Одделенијата за одбрана за региони на Министерството за одбрана може да се пријават за доброволно служење воен рок во времетраење од три месеци, што е законски дадена можност“, велат од Министерството за одбрана за Скопје Инфо.

Од Министерството исто така порачуваат дека се отворени како Министерство доколку се појави иницијатива за ова прашање, заеднички да разговараат и аргументирано да биде донесена одлука.

Но дел од познавачите на меѓународните односи и глобалната безбедност сметаат поинаку. Така, политикологот и аналитичар Виктор Јакимовски кој често во јавноста ја истакнува тезата дека во јавноста треба да се отвори ширко дебата по однос на ова прашање и да се дискутира дали навистина ни е потребно или не задолжително служење на воен рок на младото население, за Скопје Инфо вели дека, парадигмата на глобалниот светски поредок денеска е различна од времето во кое Македонија се одлучи да го напушти концептот на задолжителен воен рок и дека, и покрај тоа што државата го остварила еден од своите клучни стратешки императиви – зачленувањето во НАТО алијансата, сепак вели дека „не треба да се ставаат сите јајца во една кошница“.

„Звукот на воените чизми кога ќе зачекореле некаде од Триглав, до Егејското море или од Црното до Јадранското море секогаш гласно се слушал во Македонија. Иако државата од независноста, па навака во главно успеа да изгради нормализирани односи со соседите, сепак нас историјата не учи дека времињата на глобална нестабилност, речиси секогаш биле кобни по Македонија и ‘македонското прашање’. Да не заборавиме дека Бугарија во сите војни во 20-иот век влегла поради контролата врз територијата на Македонија, а исто така да не заборавиме и дека во минатото имало ситуација каде НАТО-членки речиси 'војувале' една со друга. Кога станува збор за начинот на кој државата треба да го организира и оспособи населението за да ја брани, Македонија треба да земе пример од Израел, кој својот безбедносен концепт го развивал токму како држава опколена од сите страни со поголеми соседни земји кои можеле да му наштетат. Сите овие лекции треба на ум да ги имаат одлучувачите на безбедносната политика и националната безбедност на државата“, вели Јакимовски за Скопје Инфо.

Но од друга страна, Јакимовски стравува дека со отварање на ова прашање, може да се отвори и едно „табу“ во државата, а тоа е колкав процент од младите би биле спремни да ја прифатат оваа државна политика, па дури и да бидат спремни во иднина да ја бранат државата со пушка доколку тоа биде потребно.

„Ако го земеме во предвид трендот и тенденцијата на иселување кај младото население, влијанието на социјалните мрежи, материјалниот аспект, модерниот начин на живот во кој многумина се чувствуаат повеќе како космополити, отколку како припадници на една држава/нација, потфрлањето на државата во овие 30 години да обезбеди адекватен вредносен и меритократски систем во кој младите ќе се чувствуаат вреднувано првенствено за тоа што се, а преку тоа и да имаат надеж дека тука ќе има подобро утре, тогаш воопшто не би ме чудело, дури и да се отвори прашањето за служење воен рок, да наиде на сериозен отпор. Еве исто така земете ја ситуацијата ако сакате и со младите од другите етнички заедници, главно Албаницте. Јас ви гарантирам дека сигурно една третина од нив воопшто и не ја чувствуваат Македонија како своја матична држава, а не па утре да бидат спремни да ја бранат со пушка во рака. Но да не се лажеме, не е дека пак и најголем дел од етничките Македонци веднаш ќе ја дочекаат оваа идеја со раширени раце“, смета тој.

Од Министерството за одбрана, за Скопје Инфо велат пак дека интересот кај малдите за градење професионална кариера во рамки на Армијата константно бил висок.

„Наскоро ќе биде објавен Конкурсот за нови 300 професионални војници за што граѓаните навремено ќе бидат информирани. Во контекст на пополнетоста со нови кадри, со задоволство можеме да кажеме дека интересот кај младите граѓани за градење на нивната професионална кариера во рамките на македонската Армија е константно висок“, посочуваат од Министерството за одбрана.

Јакимовски пак вели дека ова не мора да значи ништо, бидејќи во овој случај станувало збор за „транскационен однос“ каде армиските припадници се таму за чесно да си ја заработат својата плата и да се градат како професионални личности, што е различно од чувството за должност кон државата при служењето на задолжителен воен рок.

„Тоа се два фундаментално различни концепти и пристапи по однос на ова прашање. Високата заинтересираност за служба во професионална војска, не мора по автоматизам да значи и висока поддршка за задолжително служење на воен рок“, додава тој.

За тоа каков е процесот на евентуално повторно воведување на задолжително служење на веон рок во Македонија и што сѐ ќе биде потребно, Скопје Инфо минатото лето направи кратка анализа.