Храната ја претвора во уметност понудена на една оригинална тераса - Интервју со Сања Бачевска

Доколку патот ве носи во Охрид, а сакате да доживете ново гастрономско искуство тогаш терасата на Сања во стариот дел на Охрид е вистинско место за Вас. Можеби би сакале да пробате лубеница на скара, слатко од смокви на поинаков начин, или некоја комбинација на зеленчук и овошје со органски билки. 

Сања Бачевски е дипломиран инженер по хортикултура која од Србија се доселила во Охрид каде развива еден поинаков бизнис, нуди храна која истовремено е и уметност и здравје во чинија!   

За Охрид вели дека е град кој има многу да понуди, не само поради природната убавина туку и поради културата и традицијата која тука се негува.

- Во слободното време уживам во прошетки покрај езерото, одгледување на билки и градинарски активности. Гастрономијата за мене е форма на уметност, и секој оброк е можност за изразување и креирање нови искуства. Градинарството ми помага да се поврзам со природата и да создадам своја база на свежи состојки, што е основа за мојата кујна, вели Сања во нашето инспиративно интервју. 

Што друго оваа дама ни откри за себе и својата пасија, во продолжение: 

За себе велите дека масата ви е платно, а храната - четка и боја, а на вашиот фејсбук профил може да се видат совршени комбинации кои не само што изгледаат прекрасно, туку и имаат неверојатен вкус. Најпрвин од каде идејата за сето ова?

Идејата произлезе од мојата страст кон храната и уметноста. Кога станав мајка почнав да истражувам многу повеќе за храната и бев фасцинирана од начинот на кој состојките можат да се комбинираат за да се создаде нешто посебно.

За мене, готвењето е чин на креативност, каде секоја чинија е како платно на кое ја изразувам мојата визија. Храната е мојот медиум, а кујната моето ателје. Секогаш се стремам да создадам нешто што ќе биде не само вкусно, туку и визуелно импресивно, бидејќи верувам дека храната треба да ги задоволува сите сетила.

Каде може да се вкусат овие „ремек-дела“ од храна?

Моите кулинарски творби можат да се вкусат во мојот двор во Охрид. Се трудам да создадам амбиент каде секој оброк е посебно искуство. Исто така, организирам ручеци на кои љубителите на храната можат да уживаат во уникатни комбинации.

И изглед и вкус! Според Вас што е поважно за љубителите на храна, да е вкусно и здраво или пак има удел и креативното сервирање и самиот амбиент и друштво кога се јаде?

Сите овие елементи се важни и меѓусебно поврзани. Вкусот и здравата исхрана се основата, но креативното сервирање, амбиентот и друштвото додаваат уште едно ниво на искуство. Кога храната е убаво сервирана, тоа ги отвора сетилата и подготвува за она што следува. Доброто друштво и пријатниот амбиент го прават оброкот уште попосебен и незаборавен.

Сами одгледувате билки кои ги користите како зачини. Како оди тој процес и во што е оригиналноста?

Одгледувањето на билки е процес кој бара трпение и внимание, но ми овозможува да имам свежи и квалитетни зачини на дофат. Ги одгледувам билките во мојата градина, во природни услови, без употреба на хемикалии. Оригиналноста лежи во тоа што секоја билка ја користам во моменти кога е најсвежа и со најинтензивен вкус, што директно влијае на квалитетот на јадењата кои ги приготвувам.

Живеете во Охрид. Според Вас, што треба задолжително да проба секој турист во Охрид?

Охрид е познат по својата традиционална кујна и локалните специјалитети. Секој турист треба да проба охридска пастрмка, која е уникатен деликатес за нашиот регион. Исто така, би препорачала да се вкусат локалните сирења и јадења направени со свежи, сезонски состојки. Охридскиот мед и слаткото од смокви се исто така нешто што не треба да се пропушти.

Вие имате оригинална понуда од лубеница на скара, слатко од смокви...Што друго е дел од вашата понуда, а е на некој начин чудно, невообичаено за овие простори?

Освен лубеницата на скара и слаткото од смокви, во моето мени има и други уникатни комбинации како што се јадења со свежи билки кои ретко се користат во традиционалната македонска кујна. Еден од примерите е пепун со инфузирано масло од лист од смоква, интересен баланс на вкусови.

Исто така, користам локални овошја и зеленчуци на невообичаен начин за да создадам нови вкусови кои се истовремено иновативни и автентични.

Дали сметате дека Македонците внимаваат да се хранат здраво? Колку традиционалната кујна е здрава?

Во последно време, забележувам дека сè повеќе Македонци почнуваат да внимаваат на својата исхрана и да прават избори кои се здрави. Меѓутоа, традиционалната македонска кујна, иако е вкусна, често е богата со маснотии и јаглехидрати. Сепак, има многу јадења кои се базираат на свежи зеленчуци и билки, кои се многу здрави ако се подготвени на правилен начин. Верувам дека со мали промени во начините на подготовка, може да се ужива во традиционалната кујна без да се прават компромиси со здравјето.