„Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ е прва премиера во Драмски во време на пандемија

Во четврток, на 12 ноември на големата сцена на Драмски театар ќе биде премиерно изведена претставата „Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ, а во режија на Димче Николовски.

Премиерата, наместо во вообичаениот термин во 20 часот ќе биде во 17,30 поради препораката на Комисијата за заразни болести за непотребно излегување по 21 часот.

Ова е прва премиера во Драмски театар во време на пандемијата со ковид-19.

Улогите во претставата ги толкуваат: Драган Спасов – Дац, Маја Вељковиќ-Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ. Сценограф е Тодор Дајевски, костимограф Раде Василев, музиката е на Александар Митевски, а визуелните ефекти на Милчо Узунов.

Текстот „ Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ досега бил изведен само во матичниот театар на авторот, Театар Звездара – Белград, каде што се игра со огромен успех. Тоа е најновиот текст на Душан Ковачевиќ. Текстот „Хипноза на една љубов“ би можел да се нарече бајковито, тажна, магична комедија. Сите ликови во овој текст на Душан Ковачевиќ се добри, поточно добронамерни. Тој дел ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост затоа што нивните деца си заминуваат од своите домови и одат во туѓина. Тоа што овој текст го прави голем е начинот на кој авторот ја пренесува болката така што слушателот и гледачот го тера да се насмее. Магија, вели директорката на Драмски Катарина Коцевска Хаџи Василева.