Хемиска кастрација за да се уништи либидото на педофилите

Во Македонија сè уште не е направена хемиска кастрација на ниту еден педофил. Оваа казна се воведе со измените и дополнувањата на Кривичниот законик уште во 2014 година, но во пракса не заживеа.

Додека во 2012 година прв пат податоците за осудените за кривични дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија станаа достапни за јавноста преку посебниот регистар достапен на интернет страницата www.registarnapedofili.mk

Хемиската кастрација е задолжителна за педофилите што го повториле делото. За другите, пак, е дадена како избор во замена за помала казна. Тоа значи дека ако осудениот се согласи со мерката, затворската казна ќе му се преполови. Хемиската кастрација  се прави во специјализирани медицински установи откако педофилот ќе одлежи половина од казната во затвор. Надзор прави Управата за извршување на санкции, која ќе има обврска и најмалку еднаш во шест месеци да го известува судот за потребата од продолжување или од прекинување на хемиската кастрација.

Хемиската кастрација или, како што стои во Законот, медицинско-фармаколошкото лекување треба да ги неутрализира либидото и нагонот на осудените педофили. Таа може да биде трајна, за цел живот или, пак, за одреден временски период. Одлука за тоа носи судот, по претходно мислење на Управата за извршување на санкции.

Хемиската кастрација би се правела по протокол на универзитетските клиники за ендокринологија и за психијатрија. Претходно е потребен подготвителен период, третманот треба да почне уште во затворската установа, односно една година пред предвиденото пуштање на осуденото лице на слобода.

ЗАСТРАШУВАЧКА СТАТИСТИКА

Имено, според анализираните судски пресуди за периодот јануари 2004 до 2009 година од 231 осудено лице, 191 лице се примарни престапници, 38 или 16 отсто се повторници од кои 26 се еднократни повторници, а 12 осудени лица се повеќекратни престапници.

Во моментов максималната казна што може да ја добие сторител на вакви кривични дека според Кривичниот законик е 15 години. Граѓанските здруженија кои ги штитат правата на децата, бараат уште построги казни и дополнителни мерки.

Во најголем дел од случаите околу 90 отсто девојчиња се жртви на педофилија, а 10 отсто се момчиња. Од друга страна, 90 отсто мажи се злоставувачи, насилници, силувачи, а само 10 отсто се жени педофили.

ВО ПОЛСКА ХЕМИСКАТА КАСТРАЦИЈА Е ЗАДОЛЖИТЕЛНА

Хемиска кастрација на педофили има во Русија, Полска, Естонија, Молдавија, Ј. Кореја и во Калифорнија. Со закон е дозволена и во Велика Британија, Израел, Германија, Португалија, Франција, Австралија и во Аргентина.

Полска е единствената земја во која овој третман е задолжителен, а во другите европски земји таа се спроведува на доброволна база, во замена за помала казна затвор. Освен хемиска кастрација, во Русија, пак, постои и забрана за работа на педофили во близина на деца.

СЕКОЈДНЕВНО ИМА ВЕСТИ ЗА СИЛУВАНИ ДЕЧИЊА

Оваа недела забележани се многу случаи на силувања и педофилија во Македонија. За жал, секојдневно има вести за силувани дечиња.

Од стартот на неделата, во полиција биле пријавени неколку силувања.

Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривична пријава против 17-годишно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.

Околу 15 часот, во дворот на оштетената, пријавениот, откако се уверил дека нема никој во дворот, ја повикал и почнал да ја допира по телото, по што се обидел да изврши полови дејства над неа.

Б.М. (25) од с.Трубарево-скопско, на 27.07.2017 година, во с.Скопско Поле, на место викано Кучманово, пријавениот кој живее во ист двор со семејството на оштетената  и се роднини,  забележал деца како играат меѓу кои била и оштетената, и ја замолил да му наполни вода, а по кратко време откако малолетното девојче влегло во куќата на пријавениот, истиот извршил полови дејствија над девојчето, информираат од полицијата.

ПОВИК ЗА ПОМОШ

Децата кои се жртви на злоупотреба најчесто се чувствуваат виновни, се срамат и стравуваат дека оној што ги повредува нив може да ги повреди и нивните блиски доколку прозборат и побараат помош.

Несоодветно за возраста се појавува ноќно мокрење, несоници, ноќни стравови, страв да се остане сам во куќата или со личноста која злоставува, страв од машки особи,  не ретко бегство од дома.

На училиште се забележува пад на успехот, незаинтересираност за училишните обврски, чувство на замор, расеаност кај деца кои пред злоупотребата не манифестирале такво однесување, чести изливи на бес или изразена повлеченост,одбегнување на разговор, депресивно расположение, обид за самоповредување, појава на неадеквтно однесување кога сака да добие внимание кое е сексуализирано и несоодветно за возраста.

Психолозите велат дека на детето може да му се помогне ако се создаде атмосфера за тоа да се чувствува безбедно и да раскаже за она што му се случило.