Хаос во Аеродром: Некои ученици добиле мали или половични униформи, некои се уште ги чекаат

Пред десетина дена Општина Аеродром информираше дека почнува дистрибуцијата на униформите низ училиштата, вест која ги израдува учениците и родителите. Но сепак, униформите се уште не се стасани до сите ученици. Како што раскажуваат родителитете, во училиштето „Љубен Лапе“ воопшто не се поделени униформи, во „Браќа  Миладиновци“ децата дури вчера добиле половична униформа, јавува Слободен печат.

- Добија само две парчиња од униформата, наместо четири. Сукња или панталони и блузи и толку. Ни рекоа дека елекот и блузата дополнително ќе ги донесат, но кога, не кажаа, вели мајка чие дете учи во второ одделение во ОУ „Браќа Миладиновци“.

Проблем е и тоа што бројчињата на униформите не се исти како оние од лани, па на некои од децата им се мали и имаат потреба да се заменат, а се уште нема каде да го направат тоа.

Од општината засега не можеле да кажат кога ќе заврши дистрибуцијата, односно кога сите учениците ќе имаат комплетни униформи ниту пак кога ќе се отвори продавницата, каде ќе може да се заменат униформите или да се купат дополнителни парчиња облека.