Хаос на Клинички: Искршени столбчиња, се паркира насекаде, двосмерните улици стануваат едносмерни

Никако да се воведе ред со сообраќајот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На социјалните мрежи се појави фотографија на која може да се забележи како сите столбчиња поставени на една од уличките во рамки на Клинички се испокршени. Столбчињата се поставени од причина што требаше да се воведе ред со движењето на возилата односно улицата е двонасочна и на тој начин требаше возилата да се разминуваат непречено. Но очигледно дека возачите самоволно ги искршиле за да можат едната лента да ја искористат за паркирање.

Паркингот во Клиничкиот центар оддамна не ги задоволува потребите на граѓаните. Располага со капацитет од 1000 возила, а само во еден ден влегуваат околу 5000 возила. Тој е преполн, хаотичен и речиси секој кој влегол на паркингот ги губи нервите во обид да се најде плус паркинг место. Се паркира насекаде, на тротоари на тревници, на влезовите од клиниките на двосмерните улици кои стануваат едносмерни. Ова претставува огромна главоболка речиси за сите кои имаат било каква потреба од болничка услуга додека возилата на брзата помош често заглавуваат во обидот да се пробијат до некоја од клиниките.