Хаос или модерна нота - Што ќе донесат трите нови висококатници во строгиот центар Скопје?

Стартот на изградбата на една од вкупно трите дваесеткатници во рамки на станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје”, спроти „Холидеј Ин” повторно ја разбранува јавноста.

Колку е легално и неопходно во строгиот центар на Скопје да никнат бетонски џинови кои ќе го узрупираат јавниот простор, прашуваат активистите за хумано живеење. 

Дали ќе има пренаселеност, сообраќаен хаос, климатски шок...што ќе донесе овој инфраструктурен зафат за кој дел од активистите се прашуваат и дали е легален!?

Од друга страна жителите на Ново Маало, од кои дел ќе бидат обештетни од инвеститорите, се задоволни што конечно ќе добијат пристојни услови за живот и бараат да не се опструира стартот на градежните активности.

-Таа локација е веќе преоптоварена (сообраќајно , инфраструктурно...) , од еколошки аспект една од најзагрозените по трите фактори (воздух, бучава и топлина). Ова ќе биде најкатастрофалното уништување на градот, неговата инфраструктура и квалитет на живот, го споделува еден граѓанин својот став. 

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ велат дека дозволата за градба не е легална.

-Шанса за Центар изразува огромен револт и критика кон соучесништвото на Јавното обвинителство, Владата и градоначалникот на Општина Центар во уништувањето на достоинственото живеење на граѓаните на Oпштината. Сите заедно учествуваат во создавење на хаотичен, валкан и нехуман простор - општина и град без иднина каде здравјето на сите е парола зад која крие инвестиција за профитот на малкумина, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје во понеделникот соопштија дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.

„МГ Фешн“ првата зграда ја гради заедно со Македонската православна црква (МПЦ-ОА) која е сопственик на земјиштето. Токму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.