„Халовин“ станува сè популарен кај нас - Свештените лица со апел да се бојкотира прославата

Ноќта на вештерките или „Halloween“, како што го нарекуваат Американците, се слави ноќта меѓу 31. октомври и 1. ноември, а клучните моменти вклучуваат маскирање, собирање бонбони од врата до врата и моделирање на тикви.

Иако станува збор за празник кој најмногу се слави во САД, неговата популарност полека се шири и во другите земји во светот, па и кај нас. 

Несомнено, маскенбалот е најинтересен за најмалите, но има и организирани „Халовин“ настани и за возрасните. 

Ноќта на вештерките не е празник кој традиционално се слави во Македонија и нема врска со христијанската вера или другите религии присутни во земјава. Па така, често има апели од Македонската православна црква да не се прославува овој празник. 

- Ние како христијани во никој случај не треба да го празнуваме Халовин, бидејќи секое допирање до мрачната сила, остава трага врз човекот, дури тоа да се прави и на шега. Затоа, ние треба да се заштитуваме од злите духови, се вели во редовните апели од православните свештени лица. 

Според ирската легенда за овој празник, извесен ковач Џек О’Лантер го измамил ѓавлот, кој за казна го испратил да живее во постојан мрак.

Бидејќи не можел да помине на другата страна, односно да дојде до светлината, Џек направил дупка во тиквата што ја имал со себе и во неа ставил неколку жарчиња, со што создал ламба која му го осветлувала патот.

Така Џек станал симбол на проколнатите души кои талкаат во ноќата.