Пановски: Сè убаво што ми се случило, ми се случило во Скопје

Професорот Никола Пановски е цврсто врзан за својот роден град Скопје, до толку што само еднаш му се случило да го напушти повеќе од два месеци.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики ви се појавуваат?

–Иако сум роден скопјанец, некои слики од пред земјотресот, со исклучок на зградата на ОУ „Гоце Делчев“, каде што учев две години, пред да биде срушено, на Плоштад „Слобода“ каде што живеев, и на Градскиот парк и плажите на Вардар, не ми се јавуваат. Скопје за време на земјотресот, многу силни впечатоци, слики на рушевини, на голема тага, но и на голема солидарност, работни бригади, концертите на Мањифико, Голден Гејт квартетот, кога првпат видов црнци во живо, изградба на привремени објекти за седум дена, мексиканските пакети. При несреќи децата предвреме созреваат. Станав некако поголем, дете кое помага, расчистува, гради. Игри на полјани во сред центар, првите автомобили, првото фиќо во наша сопственост, радоста да се возиш во автомобил, излетите на реката Треска, Водно, топол бурек во недела и маста која се исцедила на весникот Политика. Потоа, возењата со велосипед до Сарај, Вардар го победи Партизан со 4:2, тогаш првпат влегов сам на стадион, лимунада направена од сируп и сода, оранжада кој се продава во кади со мраз. Гимназијата „Јосип Броз Тито“, бегање од часови во Градскиот парк, корзото на ул. Максим Горки, па потоа на плоштадот… Во последниве 30 години, сликите не ми се многу пријатни и веројатно затоа не ги споменувам овде, помалку зеленило, повеќе ѓубре, повеќе деца што просат, сообраќаен хаос, бука и нервоза.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

–Скопје го сакам и ќе го сакам секогаш. Се убаво што ми се случило, ми се случило во Скопје. Некако патолошки сум се врзал за мојот град и веројатно тоа е причина што не сум го напуштил никогаш подолго од два месеци, а тоа било кога сум служел војска една година, но и тогаш десетина пати сум доаѓал во Скопје.

Дали вие доволно му дадовте на градот?

-Никогаш не е доволно, секогаш може и повеќе. Прво: три синови и две ќерки, сите горди скопјани. Второ: со велосипедот, кој го користам и лете и зиме, повеќе од 40 години, сум  го поштедил градот од тони штетни гасови, на работа, едно место за паркирање кое ми припаѓа, сум го отстапил на друг. Сум му донел гости – доктори кои играат тенис од Балканот, заедно со нивните фамилии на четири Балкански првенства за доктори во тенис, кои траат една недела. Вкупно околу 600 гости, или околу 4.000 ноќевања. Скопјани се надевам нешто научиле од моите учебници, книги и едукативни емисии или написи во медиумите.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

–Со духот на граѓаните, старите скопјани, пред се на нивните традиции кои ги почитуваат и  негуваат. Со богатството на култури, религии, етникуми. Во последно време, со изградените велосипедски патеки, со Градскиот парк, каде играм тенис, со Водно.

Преголемо ли е Скопје за вас, треба ли да расте или да се намали?

-Лично не ми пречи големината. Би бил среќен да остане такво како што е сега.

Што ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-Ми недостасува зеленило, почист воздух, почист град, насмеани и опуштени граѓани. Би  го одзел иселувањето на младите, отпадот, оградите и градилишта на кои со децении  нешто се гради. Би ги одзел моторите на оние кои дивеат по скопските улици. Би им ги одзел автомобилите на здравите скопјани и би ги замолил да одат пешки или со велосипеди.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Зависи и од народот и од градоначалниците. Пред година и пол група граѓани, купивме и засадивме 22 дрвца, висина еден метар, да одбележиме јубилеј. По седум дена беа останати девет, по еден месец ниту едно. Сите беа украдени. Значи огромен дел од граѓаните не го чувствуваат јавниот простор во градот како свој. Крадат корпи за отпадоци, шахти, клупи, го оштетуваат градот од за мене неразбирливи причини, оставаат отпад насекаде. Мандатот на градоначалникот може да му помине само во надоместување на штетата на овие простаци. Како што има различен народ во Скопје, така има и различни градоначалници. Се разбира, за многу работи не ни дале доволно, ама за споменици, греота да се жалиме, ги имаме во огромни количини. Ниту биле приоритет ниту сме ги барале, мислам дека и на градоначалниците им ги наметнаа.