Грчко учество на „Скопско лето 2022“ под слоганот „Вложуваме во културата која нѐ спојува“

Првпат по многу години на фестивалот „Скопско лето 2022“ ќе учествуваат уметници од Грција под покровителство на Генералниот секретаријат за грчка дијаспора и јавна дипломатија при грчкото Министерство за надворешни работи и со поддршка од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Северна Македонија.

В среда, на 6 јули, во 21:00 часот, како што посочуваат покровителките, јавноста ќе има можност да го почувствува силниот и освежителен бран од свинг и џез ноти за време на концертот на „Џим Политис Квартет“, којшто ќе се одржи на платото на „East Gate Mall” во соработка со „Скопско лето 2022“. Џим Политис (гитара) ќе биде придружуван од Јоргос Пациотис (гитара), Костас Арсенис (контрабас) и Серџио Хрисовицанос (виолина).

На настанот ќе се обрати шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Северна Македонија, Константинос Прокакис, а видео обраќање ќе има и генералниот секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија, почесниот професор, Јоанис Хрисулакис.

– Слоганот на концертот гласи „Вложуваме во културата која нѐ спојува“. Северна Македонија и Грција имаат извонредна џез сцена, а фестивалот „Скопско лето“ претставува еден од најпрепознатливите културни настани кој ќе им овозможи на уметниците, на љубителите на музиката и на публиката од двете земји да се спојат на едно место, да се запознаат и да се забавуваат.

Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Северна Македонија и Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје ги покануваат граѓаните и посетителите на градот да присуствуваат на овој музички настан. Влезот за концертот е бесплатен.