Грчките земјоделци повторно го блокираа преминот Евзони - кај јужниот сосед единствено преку Дојран

Во околу 14 часот по локално време, грчките земјоделци повторно го затворија граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон Македонија. Според информациите, блокадата се очекува да трае до 22 часот. 

На грчката страна од границата паркирани се над 300 трактори, а блокада имаше и во текот на вчерашниот ден во претпладневните часови, како и од 18 до 22:30 часот, по што сообраќајот се нормализираше и сè до 14 часот се одвиваше непречено,јави допсиничката на МИА од Атина.

Низ цела Грција, земјоделците имаат поставено вкупно 14 блока со над 6.000 трактори, од кои два се на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).

На Ники, блокадата денеска траела кусо, исто како и вчера и се однесувала само на товарни возила, а не и на автомобили.

Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на преминот и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.

Граничниот премин Дојран засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.