„Грчки јогурт“ или „грчки тип јогурт“: Што навистина купуваат потрошувачите?

Што очекуваат потрошувачите од грчки јогурт?

Грчкиот јогурт во последните години стана еден од најбараните млечни производи, особено меѓу потрошувачите кои внимаваат на исхраната и внесот на протеини. Причината е едноставна: овој тип јогурт најчесто содржи значително повеќе протеини од обичниот јогурт, а се поврзува и со специфичен начин на производство, погуста структура и поинаква хранлива вредност.

Вообичаено, 100 грама грчки јогурт со 2% масти содржи околу 9 до 10 грама протеини, грчки јогурт со 0% масти околу 10 до 11 грама, додека полномасниот грчки јогурт најчесто има околу 8 до 9 грама протеини. Практично, една порција од 150 грама може да содржи 14 до 16 грама протеини, 200 грама околу 18 до 22 грама, а 250 грама околу 23 до 27 грама протеини.

Токму затоа дел од потрошувачите ги избираат овие производи поради нивната хранлива вредност. Но, што се случува кога производот што во маркетинг-комуникацијата се претставува како „грчки јогурт“, на декларацијата е означен како „јогурт од грчки тип“?

Ова прашање отвори дилема околу начинот на означување и рекламирање на ваквите производи на македонскиот пазар. За да разјасниме каков „грчки јогурт“ купуваат и јадат потрошувачите, побаравме став од Агенцијата за храна и ветеринарство и од компанијата „Бимилк“, која го произведува и дистрибуира производот „Grekos“.

Конкретниот производ: „грчки јогурт“ на веб, „грчки тип“ на амбалажа

Според податоците наведени за конкретниот производ, 100 грама „Grekos грчки јогурт“ содржат 9 грама млечни масти, 3,7 грама протеини, 4 грама јаглехидрати и енергетска вредност од 464 kJ, односно 112 kcal. На веб-содржината производот е претставен со наслов „Grekos грчки јогурт – калории и хранлива вредност“, додека во текстот се наведува дека во 100 грама има 3,7 грама протеини и 112 калории.

Останува фактот дека компанијата на амбалажата и во дел од означувањето го користи називот „грчки тип јогурт“, додека во официјалната комуникација преку својата веб-страница производот го претставува и како „грчки јогурт“. Токму оваа разлика меѓу декларацијата и маркетинг-комуникацијата може да создаде забуна кај потрошувачите, особено имајќи предвид дека називот „грчки јогурт“ во јавноста најчесто се поврзува со конкретен тип производ, повисока протеинска вредност и специфични производствени карактеристики.

Реакции на социјалните мрежи

Дилемата околу називот предизвика реакции и на социјалните мрежи, каде дел од потрошувачите коментираат дека разликата меѓу „грчки јогурт“ и „грчки тип на јогурт“ не е доволно јасна.

„Животот беше полесен пред да се појави дилемата: грчки јогурт или грчки тип на јогурт“, стои во една од реакциите на платформата X, поранешен Твитер.

Во коментарите под објавата, дел од корисниците ја оценуваат ваквата комуникација како „маркетиншки трик“, а има и реакции дека „грчки тип на јогурт“ за нив претставува „чиста превара“. Една корисничка коментира: „Ова на сликава е ‘грчки тип на јогурт’, обично кисело млеко, благе везе нема“.

АХВ: Законот предвидува санкции ако потрошувачот е доведен во заблуда

Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека во македонското законодавство не постојат посебни дефиниции за термините „грчки јогурт“ и „јогурт од грчки тип“. Комерцијалниот назив на производот, велат од АХВ, е одлука на операторот со храна.

Сепак, од Агенцијата нагласуваат дека Законот за безбедност на храната забранува означување, рекламирање или презентирање на храна со употреба на изрази, текстови, слики или други елементи што би можеле да го доведат потрошувачот во заблуда во поглед на идентитетот на производот, потеклото, составот, својствата, како и намената и дејството на производот.

На прашањето дали производ кој на декларацијата е означен како „јогурт од грчки тип“ смее во маркетинг-материјали, реклами, веб-страници или други промотивни канали да биде претставуван како „грчки јогурт“, од АХВ одговорија дека таквата практика „може да предизвика неусогласност меѓу означувањето на декларацијата и презентирањето на производот“.

Од Агенцијата дополнително наведуваат дека во законодавството во земјава не се пропишани посебни критериуми за употреба на називот „грчки јогурт“. Сепак, неговата употреба, како што посочуваат, е дозволена само доколку не го доведува потрошувачот во заблуда во однос на потеклото, природата, составот и карактеристиките на производот.

Од АХВ дополнително се повикуваат и на Законот за квалитет на земјоделските производи, според кој географските и традиционалните називи се заштитуваат со ознака за потекло, заштитена географска ознака и ознака за гарантиран традиционален специјалитет. Според Агенцијата, одреден назив може да биде заштитен како ознака на потекло или географска ознака кога производот навистина потекнува од определено место, регион или земја и неговите карактеристики се поврзани со тоа подрачје.

АХВ информира дека во рамки на инспекциските надзори континуирано го контролира означувањето на производите, вклучително и на јогуртите. Сепак, во однос на производите што се пласираат под комерцијалниот назив „грчки тип“, досега не биле реализирани посебни инспекциски контроли насочени исклучиво кон ова означување.

Во однос на евентуални прекршувања, од Агенцијата потсетуваат дека се надлежни за контрола на безбедноста на храната, вклучително и од аспект на нејзиното соодветно означување, декларирање и презентирање во јавноста.

Според одговорот од АХВ, Законот за безбедност на храната предвидува глоби за правните лица доколку преку слики, цртежи, знаци, изрази или текстови потрошувачот би можел да биде доведен во заблуда во поглед на идентитетот, потеклото, составот, својствата, намената или дејството на производот.

Бимилк: Производот е јасно означен како „грчки тип на јогурт“

Од „Бимилк“, пак, доставија објаснување во кое наведуваат дека нивниот производ „Grekos“ е јасно означен како „грчки тип на јогурт“.

„Нашиот производ е јасно и недвосмислено означен како ‘грчки тип на јогурт’ на амбалажата, како на предната страна така и во декларацијата“, наведуваат од „Бимилк“.

Од компанијата појаснуваат дека терминот „грчки јогурт“ го користат како назив за поширока категорија производи, во која, според нив, спаѓаат и производите од грчки тип.

„Терминот ‘грчки јогурт’ се користи како назив за поширока категорија на јогурти, во која спаѓаат производи со различни карактеристики и потекло, вклучително и автентичен грчки јогурт и грчки тип на јогурт. Разликите помеѓу производите во оваа категорија можат да се однесуваат на производствениот процес, составот и потеклото на производот“, велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека автентичниот грчки јогурт традиционално се поврзува со потекло од Грција, додека производите од грчки тип, според нивното објаснување, претставуваат посебна подкатегорија во рамките на оваа категорија.

„На веб-страницата и во одредени маркетинг содржини терминот ‘грчки јогурт’ се користи како назив на категоријата производи, во која припаѓа и нашиот производ“, наведуваат од „Бимилк“.

Од компанијата дополнуваат дека во сите визуелни материјали и фотографии од производите е наведено дека конкретниот производ е „грчки тип на јогурт“, при што истиот назив е видлив и на прикажаното пакување, а на потрошувачите, како што велат, им се достапни сите релевантни информации за составот и нутритивните вредности.

„Потрошувачите се целосно и транспарентно информирани, бидејќи точниот назив на производот, неговите карактеристики и нутритивен состав се јасно наведени и достапни и на амбалажата и на веб-страницата“, наведуваат од „Бимилк“.

Од компанијата оценуваат дека нивната комуникација е усогласена со декларацијата на производот и со принципите за коректно и точно информирање на потрошувачите.

Клучното прашање за потрошувачите

За потрошувачите, клучното прашање не е само дали производот формално е правилно деклариран, туку и дали маркетинг-комуникацијата создава очекување дека купуваат производ со карактеристики на автентичен грчки јогурт. Особено кога нутритивната вредност, пред сè содржината на протеини, значително се разликува од она што вообичаено се поврзува со оваа категорија производи.

Прашањето околу означувањето на ваквите производи повторно ја отвора дебатата за границата помеѓу комерцијалниот назив, категоријата на производот и маркетинг-комуникацијата. Особено кога називот може да асоцира на географско потекло, специфичен начин на производство или хранливи карактеристики што потрошувачите ги поврзуваат со автентичен грчки јогурт