Граѓаните најавуваат протести против поскапувањето на струјата

Граѓаните најавуваат протести против поскапувањето на струјата. Синдикалните организации сметаат дека треба да се преиспита одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи во време на здравствена и економска криза таквиот потег дополнително ќе удри по џебот на граѓаните.

“Ова е директен удар по џебот на работникот. За почитување е покачувањето на минималната плата. Меѓутоа, минималната плата се зголеми од 14.500 на околу 14.930 денари. Со тоа што, според некои мои анализи јас лично, како просечен граѓанин, како обичен работник, мојот буџет ќе биде оштетен за околу 500 денари во просек за една година. Така да, еве на кој начин пробуваат да ни го земат покачувањето. Значи ние, производствените работници, треба да работиме за некои непроизводствени работници. Ова не е добро, ова е лоша економска политика и државата не оди во добра насока.
Ве повикувам на мирни протести кога ќе дојде време сите да излеземе против покачувањето на цената на струјата, која ќе повлече и други покачувања на лебот, млекото, јајцата, основните животни продукти кои се потребни”, вели Атанас Трајковски од Независниот синдикат на градежни работници НС ГРИТГ, за Сител. 

Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека покачувањето на цената на струјата се однесува само за домаќинствата. Уверуваат дека тоа нема да се одрази на индустријата и нема да поскапат производите.

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги одобри регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува ЕВН ХОМЕ со која просечната цена се зголемува за 7,42% кој се однесува на домаќинствата.

Цената на електричната енергија за индустријата не ја регулира РКЕ затоа што пазарот е либерализиран и берзанските трендови донесоа пониски сметки за струја токму кај индустријата во просек и до 30% од кога пазарот е либерализиран, информираат од Регулаторна.

Тетовчани се први кои ќе излезат на улица да го искажат својот револт против поскапувањето на струјата. Протестот во Тетово е закажан за в четврток, а организаторите велат дека ќе ги почитуваат сите превентивни мерки за заштита од Ковид-19.

Со поддршка за протестот излегоа и од граѓанското движење Но Пасаран, кое е против сите поскапувања на енергенсите.

“Сметаме дека ова е тотално непотребно и во спротивна насока. Знаеме дека иде економска криза поради застојот во бизнис секторот поради коронакризата. И ова ќе ги оптерети буџетите  и на компаниите и на граѓаните. Ова не е антикризна мерка. Сметаме дека проблемот лежи во РКЕ. Токму таа треба да ги штити граѓаните од монополски однесувања на компаниите.
Jас се надевам дека ова ќе биде иницијална каписла и за други такви протести на кои што ќе се приклучат и други градови. И еве, Но Пасаран го поддржува тој протест и во наредните протести ќе им се придружи”, вели Марјан Ненов, претседател на граѓанското движење Но Пасаран.

Поскапа струја граѓаните ќе плаќаат од септемвриските сметки во текот на следните 12 месеци. Одлуката на Регулаторна за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4% се должи на намалените приходи на енергетските компании. Но, регулаторите инсистираат новиот собраниски состав да го намали ДДВ-то за струја од 18% на 5%.