Граѓаните на Гази Баба се побунија против одлуката Центарот за зависници да биде лоциран во нивната општина

Установата за третман на зависностите од дрога ќе биде префрлена во поранешнара менза на фабриката „Металски Завод-Тито“.

Министерството за здравство веќе има добиено решение од градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски. Дислокацијата треба да се случи до крајот на годинава.

Станува збор за објект кој не е во сопственост на општината, за таа да може да дава согласност за користење. Од друга страна, ако веќе општината треба да се изјасни, оваа одлука мора да помине низ Советот, односно за неа да гласаат советниците од сите партии. Како Георгиевски сам одлучил дали нешто може или не смее да се случи, тоа допрва ќе треба да се обелодени.

Главниот проблем поради кој се јави потреба за дислокација на Центарот за зависници се ужасните услови и чувството за небезбедност меѓу граѓаните на општина Кисела Вода. Овој Центар требаше само времено да биде лоциран во општината, но таму е останат веќе 20 години.

Сега, ќе биде решен проблемот со стравот кај граѓаните од Кисела Вода, на грб на граѓаните на Гази Баба.

Како што дознава КУРИР, оваа одлука ја нема донесено општината, туку градоначалникот лично. Граѓаните кои ја контактираа нашата редакција не го кријат својот револт.

Тие првично се огласија на социјалните мрежи, а имаат и формирано иницијативен одбор кој во наредните денови ќе превземе низа на активности против отварање на ваков Центар во Гази Баба.

Граѓаните на Гази Баба кои ја контактираа редакцијата на КУРИР најавуваат мирен протест. Велат, ова е само првиот чекор кој го превземаат, а допрва ќе се спротивстават на одлуката Центарот за зависници да биде лоциран во нивната општина.

Во сабота пред влезот на фабриката МЗТ, со почеток во 12 часот.

„Заедно да кажеме СТОП за намерата на Владата, Центарот за зависници од Кисела Вода да го смести во кругот на фабриката во МЗТ во општина Гази Баба.
Како граѓани немаме против оваа категорија на граѓани и нивните права и потреби но нема да дозволиме никој да го нарушува мирот на нас и нашите семејства. Со таа цел ве повикуваме на мирен граѓански протест“-се наведува во повикот за протест.

Целата анализа за оваа тема, која КУРИР ја објави вчера, можете да ја прочитате ТУКА.