Граѓаните на есен ќе немаат пари леб да си купат

Аналитичарот и бизнисмен Никола Тасев прогнозира тешка економска криза на есен кој што ќе следи после здравствената криза со корона вирусот.

-Ние во овие неколку месеци од корона кризава не осетивме многу економска криза. Назад ни е Октомври, ноември. Зошто? Заради тоа што техничката влада во овој период си играше со уредбите со законска сила. Повеќе размислуваше да направи еден изборен финансиски пакет кој што ќе им донесе некакви гласови, а не размислуваше да направи некоја убава основа да го подготви стопанството за она што ќе се случува октомври, ноември и декември. Ние ќе имаме економска бомба во државата во октомври, ноември и декември. Кој и да направи влада, ќе му биде многу тешко, рече Тасев.

Неговите проценки се дека до крајот на годината ќе треба да се задолжи Македонија за околу 2 милијарди евра.

-Со економските мерки ние не постигнавме ништо. Оваа година Македонија ќе се задолжи за 2 милијарди евра. Знаете дека веќе во јануари од старите задолжувања треба Македонија да врати околу 700 милиони евра. Од каде пари. Сега ќе ги испотрошиме за избори, фрли таму, фрли таму, дај на овој, дај на тој, па утре ќе бараме преку јавен повик граѓаните да уплаќаат во фондот на државата затоа што ги потрошиле парите за една вечер, дополни Тасев.

Според него кон крајот на годината тешката економска криза ќе се одрази и на стопанството и на граѓаните особено. Ќе следи период на отпуштања, а може да се случи граѓаните да не можат леб и основните потреби да ги купат.

Тој не се согласува дека економијата блеска и посочува примери дека споредено со регионот ние сме издале еврообврзница со висока камата.

-Еве еден податок колку блеска економијата. Да споредиме колку нашата економија вреди пред европските банкарски институции. Македонија еврообврзницата што ја издаде ја зеде со речиси 3,7% камата. Србија ја зеде со 3,2%, Хрватска еврообврзницата ја зеде со 1,2% камата, а е задолжена со јавен долг 80%, Бугарија со 0,6%. Епа ако ти блеска економијата ќе ти дадат евтини пари- посочи аналитичарот и бизнисмен Никола Тасев.