Граѓаните може да аплицираат за субвенции за чистење оџаци

Град Скопје повторно ќе доделува субвенции на домаќинствата и на други објекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Надлежните велат дека јавниот повик е во тек и дека граѓаните и правните субјекти веќе можат да аплицираат.

– Со оваа мерка Град Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари. Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 56 барања од граѓаните, а јавниот повик ќе биде отворен до 30.11.2020 година, по принципот прв дојден прв услужен, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2020 година – информираат од Градот.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.