Градската власт годинава ќе изработува карта на бучава. Досегашните мерења од 14-те мерни станици во главниот град покажуваат вредности на бучавата над дозволените граници. Надминувањето е најмногу на булеварите. Според здравствените работници, бучавоста предизвикува вознемиреност, несоница, кардиоваскуларни болести, намалено внимание, меморија, па и предвремена смрт.
Градот почна со интензивни подготовки за исполнување на обврските. Во моментов се изведуваат подготвителните работи за отпочнување на изработката на документот. Градската власт самостојно набави мерен инструмент за бучава „Бруел и Kјаер“ и со донацијата доби уште еден мерен инструмент од типот „Делта-ОХМ“ - информираа одговорните од Секторот за животна средина во Град Скопје.
Управувањето со бучавата ќе се врши преку методи на оценување со индикатори за бучава, методи на оценување за штетните ефекти, со донесување и спроведување на планските документи, како и со преземање мерки за заштита од бучава во животната средина.
По добиените податоци, што се однесува до заштитата на населението, како и казните за оние што ќе ги пречекорат вредностите на дозволена бучава, задолжени за санкционирање се градските и општинските овластени инспектори. Тие треба да ги контролираат субјектите и да пропишуваат соодветни мерки за намалување на бучавата на инсталациите или објектите.
Бучавоста во Скопје се мери од 14 места, речиси во сите населби и општини. Според Локалниот акционен план за животна средина на Град Скопје е констатирано дека е најбучно на булеварите и на најпрометните улици, каде што сообраќајот континуирано предизвикува силна бучава над дозволеното. И тоа на Партизански одреди, Димитрија Чуповски, Свети Kлимент Охридски, Мајка Тереза, 11 Октомври, Kочо Рацин, Јане Сандански, на Орце Николов, Џон Kенеди итн.
Од вкупно 100 измерени вредности, половина од вредностите покажуваат бучава на ниво од 70 до 80 децибели. Дозволените вредности се движат од 62 до 65 децибели, како што е утврдено со Правилникот за гранични вредности на бучавата.
Според плановите за заштита, ќе бидат потребни повеќе контроли на кафулињата, индустриските објекти, субјектите од угостителството и туризмот, како и мерење на бучавоста од повеќе локации заради преземање мерки, како на пример, недавање дозволи за деловно-угостителски објекти во станбени зони, почитување на прописите за градење и урбанистичко планирање.