Градот Скопје и скопските општини парично ќе помогнат на семејствата на настраданите во кобната несреќа

Градот Скопје и неколку скопски општини ќе донираат парични средства за семејствата кои загубија свои членови во кобната автобуска несреќа во Бугарија.

Од Градот Скопје вчера информираа дека ќе доделат два милиона денари за семејствата на починатите од Скопје, а предлогот доаѓа од градоначалничката Данела Арсовска во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите.

Општина Гази Баба ќе донира 450.000 денари за помош.

-Во мигови на голема тага и жалост во кои се наоѓа Република Македонија, хуманоста и солидарноста се најпотребни. Општина Гази Баба и нашите жители пред помалку од пет години бевме соочени со друг вид на несреќа која исто така одзема човечки животи и нанесе голема материјална штета. Во тоа време цела Македонија, соседните држави, организации и граѓани се обединија во солидарноста и хуманоста и подадоа рака за жителите на Стајковци, Црешево, Синглиќ и останатите населени места погодени од поплавата. Општина Гази Баба не заборава и затоа кога и на кого да е потребно, Општина Гази Баба ќе помага, рече вчера градоначалникот на општината Бобан Стефковски.

Општина Чаир, пак, ќе ги пренамени средствата за украсување за Нова година за помош за семејствата на загинатите во несреќата.

– Ги алоциравме средствата наменети за украсување на општината за Нова година. Шеснаесет луѓе од нашата општина загинаа и нема никаква атмосфера да се украсува за Нова година, вели градоначалникот на Чаир Висар Ганиу кој информираше дека со новиот буџет ќе предвидат поголеми средства за помош за семејствата на загинатите.

Централната власт го покрива транспортот, исламската верска заедница ќе ги покрие трошоците околу погребот на починатите.