Градот молчи за условите под кои турската компанија „БинБин“ изнајмува тротинети во Скопје

Низ улиците на главниот град од неодамна се возат 500 нови електрични тротинети, кои ги промовира ЈП „Градски паркинг“ - Скопје, со цел да се овозможи полесен превоз на граѓаните низ главниот град, но и да се помогне во зголемување на квалитетот на воздухот, меѓутоа проектот веднаш се соочи со првите проблеми и дел од тротинетите беа уништени од несовесни граѓани.

Цената на изнајмување на електричен тротинет е девет денари за минута, со оглед на тоа дека нивната намена е за кратки патеки, а за корисникот да плати, мора да има паметен телефон и да ја преземе апликацијата на компанијата.

Нашата редакција „Скопје Инфо“ на 25 мај испрати неколку новинарски прашања до ЈП „Градски Паркинг“ – Скопје и до службата за Односи со јавноста во Град Скопје, за тоа колку пари плаќа турската компанија „БинБин“ за изнајмување на просторот кој служи за електричните тротинети, како и на колку време е склучен договор меѓу двете страни, но до објавување на овој текст сè уште нема одговор.

Поради тоа што веќе неколку дена не даваат одговор од ЈП „Градски Паркинг“ - Скопје и Град Скопје на нашите прашања, се отвора сомнеж за начинот и условите под кои е склучен договорот со турската компанија „БинБин“.

Со оглед на тоа дека беа оштетени дел од електричните тротинети, побаравме и став за тоа зошто се случува вандализмот со новото превозно средство кое требаше да им го олесни превозот на граѓаните низ Скопје, но не добивме одговор ниту на тоа прашање.

Првите впечатоци се дека и новиот проект за алтернативно превозно средство низ улиците на главниот град ќе ја доживее истата судбина како „Изнајми велосипед“, со тоа што тој проект траеше неколку години пред целосно да згасне. Но и покрај најавите за негово ново имплементирање од претходната владеачка гарнитура во Град Скопје, сепак не се активираше проектот.