Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска и официјално ја презеде функцијата во просториите на Град Скопје.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски порача дека со овој ден започнува ново поглавје за Скопје – исполнето со работа, посветеност и резултати.
„Од денес, градот Скопје е слободен, отворен и достапен за сите! Денес се изврши чинот на примопредавање на функцијата градоначалник. Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град – поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање, и тоа започнува веднаш“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека вечерва, од 20:30 часот, ќе започне голема акција за чистење на градот, која ќе трае 72 часа, со цел, како што рече, да се исчисти секој агол, улица и запуштен простор во Скопје.
„Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност, ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам“, додаде новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски истакна дека рампите пред Град Скопје се отстранети, со што, како што нагласи, институцијата повторно станува достапна и отворена за медиумите и за сите граѓани.
Во својата објава, тој најави и целосна ревизија на работата на градската администрација, со порака дека „секоја злоупотреба ќе биде санкционирана, а секој кој се огрешил – ќе одговара“.