Град Скопје со повеќе активности ќе го започне одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 што ќе трае до 22-ри септември

Со велопикник и велоекспо што ќе се одржат на Средно Водно денеска од 11 до 14 часот Град Скопје ќе го започне одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 што ќе трае до 22-ри овој месец.

Посетителите на Средно Водно ќе имаат можност да погледнат промоција на велосипедски продавници, сервиси и занаети низ Скопје и најразлични велосипеди, како и да уживаат во музичката програма со диџеј.

За граѓаните автобускиот превоз до Средно Водно е бесплатен.

Во понеделник од 20 до 22 часот на Школка во Градски парк ќе се одржи трибина за последиците на климатските промени врз животната средина, а присутните ќе имаат можност да го погледнат документарниот филм Пред поплавата.

Традиционалниот саем на електрични возила е закажан за в четврток  од 10 до 13 часот, на Техничкиот кампус. Ученици од средните и од основните училишта од градот ќе имаат можност да се запознаат со електричните возила и да возат електроконвој од Техничкиот кампус до плоштад Македонија. В четврток од 14 до 16 часот во Салата на Советот на Град Скопје ќе се одржат и презентациите на проектите од областа на транспортот во Скопје. За во 19 часот е закажан настан на тема Иднината на транспортот.

На 21 септември, петок, во 10 часот на градските улици ќе се вози големо велосипедско дефиле кое ќе тргне од плоштад Македонија, а ќе заврши кај Школката во Градски парк. Најсреќните учесници во дефилето на лотарија ќе имаат можност да добијат пригодни награди.

Истиот ден, од 10 до 12 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Движи се за здравје“ – едукација за правилен развој и моторика кај децата, а ќе учествуваат деца од детските градинки во Скопје.

Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 ќе заврши во сабота, на 22 септември, со промоција на комбиниран превоз со железница и велосипед. Во 11 часот велосипедистите ќе патуваат со воз од Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот, до улицата „Димитрие Чуповски“ каде што ќе се одржи настанот Вело-кафе на улица. Поточно, на 22 септември улицата „Димитрие Чуповски“ ќе биде затворена за сообраќај во периодот од 10 до 14 часот, а на коловозот ќе бидат поставени маси, клупи и детски реквизити. Ова е одлична можност граѓаните да се дружат на отворено и да испијат вело-кафе.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации.

Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, и ќе се вклучат над 2.400 градови од Европа и од светот. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.