Град Скопје со 30 камери против вандализам, диви депонии и оштетување на опрема

Град Скопје ќе постави 30 камери на јавни површини како мерка против вандализмот и оштетувањето на урбаната опрема. Камерите ќе бидат поставени на 30 локации, кои ќе бидат определени по спроведена јавна набавка.

Со видеонадзорот ќе се следат паркови, детски игралишта, плоштади, фонтани, контејнери и канти за отпадоци, но и сообраќајни знаци, семафори, канделабри, улични светилки и друга инфраструктура во надлежност на Град Скопје.

Од Градот велат дека камерите треба да помогнат и во спречување на намерно подметнување пожари, создавање диви депонии и незаконско одлагање отпад, со цел јавните простори да бидат почисти, побезбедни и поуредни.

За управување со системот ќе биде формиран Контролен центар во просториите на Град Скопје, каде пет вработени ќе работат во три смени. Пристапот до снимките ќе биде ограничен и евидентиран, а за нивно прегледување ќе биде потребно писмено барање и одобрение од градоначалникот.

Снимките ќе се чуваат најмногу 30 дена, освен ако со закон не е предвиден подолг рок. На местата каде што ќе има камери задолжително ќе има видливо известување дека просторот е под видеонадзор.

Од Град Скопје засега не соопштуваат колку ќе чини набавката и одржувањето на системот, ниту кога ќе започне неговото проширување на други локации.