Град Скопје: Паркингот на Водно викендов го искористиле 564 возила

Од Град Скопје информираат дека во текот на викендот биле испратени 564 СМС-пораки за паркирање на паркингот на Водно.

– Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг” воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно. Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира - стои во соопштението.

Оттаму апелираат до граѓаните да се грижат за зеленилото и да ги користат само одбележаните паркинг-места.