Град Скопје отпочна со реализација на втората фаза за изградба на новата атмосферска канализација во Волково

Град Скопје отпочна со реализација на втората фаза за изградба на новата атмосферска канализација на улицата 100 во населеното место Волково во општина Ѓорче Петров.

Во соопштението од градот се вели дека со овој проект за прв пат се гради нова атмосферска канализација на улицата 100, од кружниот тек со улица 101 до преминот на пругата, со профил Ф500 и вкупна должина од 1650 метри.

„Со реализација на овој проект од програмата „За модерно Скопје“ се решава долгогодишниот проблем со кои се соочени жителите на ова населено место, каде по обилни дождови доаѓа до излевање на фекални води и преоптоварување на мрежата. Дополнително, со изградба на новата атмосферска канализација се создаваат услови за идно приклучување на останатите линии од овој реон на општина Ѓорче Петров на новата атмосферска мрежа, со што се подобрува функционалноста на севкупниот систем. Градот Скопје континуирано активно работи на реализација на инфраструктурните проекти од програмата, за подобрување на условите во сите населени места“, се вели во соопштението на градот.