Град Скопје и натаму им ја нуди најпогодната опција – дивите продавачи легално да продаваат на тезгите на Бит пазар

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и натаму ја остава отворена опцијата дивите продавачи на Бит пазар да влезат во пазарот и легално да продаваат на тезгите.

Шилегов вели дека слободни има околу 100 тезги и дека тие се доволни за сите диви продавачи кои веќе неколку дена протестираат што не им се дозволува да продаваат на тротоарите на булеварот “Крсте Петков Мисирков”, кај Бит пазар.

– Повеќе од два месеци работевме со овие луѓе јас и градоначалникот на општина Чаир. Имавме неколку заеднички и индивидуални средби за концептот кој го понудивме заедно со Скопски пазар кој менаџира со Бит пазар. Има повеќе од сто слободни тезги. Градот презема обврска заедно со Скопски пазар да ги подмири обврските за нивно влегување во рамки на пазарот за два месеци, што значи да ги добијат тезгите бесплатно. Но, очигледно е дека мотивите на луѓето да останат надвор се сосема поинакви – вели Шилегов.

Дивите тезгаџии протестираат што им беше наредено да ги тргнат тезгите, а во меѓувреме булдожерите веќе го раскопаа тротоарот. Тие бараат да им се најде локација, но и да им се наплатува минимална давачка од 1.000 денари. На понудата од Град Скопје да се сместат на тезги во рамки на Бит пазар велат дека таму нема доволно место.

Шилегов смета дека недозволиво е во главен град на една европска држава да има луѓе кои на диво ќе продаваат надвор од било кој правен пропис и правило.

– Само на Бит пазар во моментов има 500 луѓе кои редовно плаќаат давачки за тезгите и даноци кон државата. Недозволиво е заради 20-30 диви продавачи кои имаат можност да се легализираат, а понудени им се и во социјален аспект определени бенефиции, да се однесуваат така – вели Шилегов.