Град Скопје демантира: Автобусот со број „33“ е технички неисправен

Технички неисправно возило е причина што автобусот со број „33“ не сообраќа на приградската линија до Долно Лисиче. Ова се наведува во демантот испратен од Град Скопје, а кој се однесува на написи во неколку медиуми дека оваа линија е исклучена затоа што претпријатието нема пари за регистрација на возилото, а друг за замена нема.

- Станува збор за редуциран возен ред поради исклучување на автобус кој сообраќа неколку пати на тој реон, а причина е технички неисправно возило, а не како наведеното дека се работи за финансиски проблем околу регистрaцијата на истото, велат од Град Скопје.

Во демантот од Град Скопје се вели дека ЈСП „Скопје“ има предвидено средства за регистрација на возилата во годишниот план за јавни набавки, и согласно со него има активни договори за осигурување на моторни возила од автоодговорност и технички преглед.

- Тенденциозна е намерата дека постојано имаме случаи на редуцирани возни линии, земајќи го предвид фактот дека просечната старост на автобусите е 13 години и оттука произлегува потребата за набавка на нови автобуси во возниот парк на ЈСП, додаваат градските власти.

Дел од медиумите денеска пренесоа дека ЈСП пред неколку дена ја има исклучено приградската линија со број „33“, која е единствена што директно го поврзува Долно Лисиче со општина Аеродром и од која зависат голем број ученици.