Грабеж во Тутунска банка: Бобан се согласил да биде осуден, но не кажува каде се парите

Трезористот Бобан С. (40), кој е осомничен за милионската кражба во НЛБ банка побарал да се спогоди со Обвинителството и со признание на вина да добие помала казна, но не и да каже каде се парите, дознава „Дневник“.

Според извори во истрагата, во овој, но и во неодамна објавениот случај на криминал, во кој за перење пари се осомничени директори, поранешен министер и други лица, од банката исчезнале 17 милиони евра. Иако никој не потврдува, се претпоставува дека двата случаи се поврзани, пишува ДНЕВНИК.

Kако што дознава „Дневник“, бранителот на трезористот, адвокатот Љупчо Шврговски веќе контактирал со обвинителството во врска со предлогот на осомничениот.

Од Основното јавно обвинителството ниту ја потврдија ниту ја демантираа информацијата. „Дневник“ исто така пред десетина дена побара одговор од Обвинителството дали за кражбата на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ е откриено каде се украдените пари, односно дали е побарана помош и информации од надлежните институции од други држави.

– Истрагата за кражбата продолжува. Основното јавно обвинителсвто ги презема потребните дејствија за расветлување на настанот. Јавноста ќе биде известена за деталите кога ќе се создадат услови во согласност текот на постапката – гласи одговорот на Обвинителството за двете прашања.

Ниту адвокатот Шврговски не одговараше на нашите телефонски повици и писмени пораки.

Kако што дознаваме, Бобан С., кој е во триесетдневен притвор во затворот во Шутка, се согласил да биде осуден, но не и да каже каде се украдените 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, а за која кражба дополнително беа осомничени неговиот брат Горан С.(44), неговиот пријател Борис М.(38) од Скопје како и Е.П.(24), вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ. Нема информации дали и тие како и Бобан С. за кој се смета дека ја осмислил кражбата, побарале да се спогодат со обвинителството. Во притвор се Горан С. и Б.М., а осомничената службеничка и натаму е во куќен притвор.

Скандалите во НЛБ банка почнаа на почетокот на минатиот месец кога МВР обелодени дека трезорист извршил милионска кражба од главниот трезор на банката. Само што спласнаа овие информации по притворањето на групата, неколку недели подоцна обвинителството обелодени уште една поголема скандалозна финансиска малверзација во банката. Обвинителството отворило предмет за перење пари, во кое се замешани поранешен и актуелен директор на банката, поранешен министер, адвокати, нотар како и државјанин на Словенија. Притоа не е прецизирано за колкав износ е оштетена банката, како ни тоа дали овие два случаја се поврзани, односно дали двете групи делувале одделно.

– За да се утврди фактичката состојба и да се обезбедат докази, Обвинителството во соработка со МВР издаде наредби за анализи на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финасиска и управна природа – кусо соопштија од обвинителството.

Тоа што е познато за овој случај е дека за обвинителството постојат сознанија оти во периодот од 2006 до 2017 година осомничените основале фирми, подигале кредити кои биле заверувани кај една позната скопска нотарка, а потоа со помош на неколкумина адвокати, кои биле советници на директорот и министерот, парите биле префрлани во Словенија и во неколку австриски фирми. Откако парите ќе легнеле на странските сметки, дел од нив повторно бил враќан во државава и се купувале недвижни имоти на подрачјето на Битола.

За разлика од оскудните информации за дејствување на оваа група, полицијата за првата кражба излезе со детали од истрагата. Трезористот во три наврати од 4 до 10 април од трезорот на различни начини зел 3 милиони евра, по што на 11 април, Борис М. со автомобил „голф“ ги пренел парите во Србија, но не е познато дали таму останал или продолжил кон некоја друга држава. Тој бил уапсен седум дена подоцна на граничниот премин Табановце кога се вратил во земјава.

Од НЛБ демантираат дека се украдени 17 милиони евра

Од НЛБ банка вчера ги демантираа информациите дека банката во двата случаја е оштетена за 17 милиони евра.

– Апсолутно е неточна информацијата. Што и да се случува со нашата институција, целосно, транспарентно и професионално ќе ја информираме јавноста како и досега – рекоа од НЛБ.

Дел од адвокатската фела со кој вчера контактиравме вели дека е очекувано барањето на Бобан С. бидејќи тоа е негово законско право со кое му се овозможува со обвинителството да се спогоди за пониска казна од предвидената, ако спогодбата ја прифати Kривичниот суд, пред кој се води овој случај.

Според Обвинителството, Бобан С. се товари за кривично дело затајување по член 239, како и за продолжено кривично дело по член 45 од Kривичниот законик за кои се предвидени повеќегодишни казни затвор.

– Тој што противправно за себе или за друг ќе присвои туѓ подвижен предмет што му е доверен, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако делото го стори старател или лице на кое од правното лице предметите му се доверени во врска со неговата работа, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години – предвидуваат ставовите 1 и 3 од членот 239.

Според член 45, на сторителот кој со умисла ќе изврши две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти услови или други слични околности, судот ќе му изрече единствена казна во границите на казната пропишана за тоа дело.