Горно Лисиче ќе добие градинка

Нова детска градинка која ќе згрижи 100 дечиња започна да се гради денес во Горно Лисиче не местото на некогашната стара спортска сала во дворот на ОУ „Гоце Делчев“.

Објектот ќе содржи две големи занимални, кујна, санитарни јазли, простор за прием и административен простор, а ќе ги исполнува и сите стандарди овозможувајќи современи услови за згрижување и престој на децата од предучилишна возраст.

Премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на почетокот на изградбата на градинката истакна дека истата била потреба во овој дел од градот и на барање на граѓаните бидејќи ја немало, но и за затоа што во општина Аеродром се зголемува бројот на млади семејства кои имаат се повеќе деца.

-Во 2008 година во Аеродром имало 30 трети деца, а во 2014 скоро двојно, односно 59 трети деца. Податоците од првите девет месеци од 2015 година покажуваат дека во Аеродром се родени 682 бебиња што споредено со другите години најавува дека 2015 ќе биде рекордна година за наталитетот во Аеродром, посочи Груевски.

Премиерот апелираше изградбата и опремувањето на градинките, со промените кои се случија по политичките договори, да не се кочи бидејќи тоа не е во интерес на децата

Блокирањето на ваквите проекти не е во интерес на никој и од овие причини апелирам да не се кочат ваквите проекти. Градинките се за децата, да ја ставиме политиката настрана, потенцираше премиерот.

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски истакна деца се реновирани постоечките градинки во општината, а поради потребата најави изградба и на нови објекти на децата.

-Со новата градинка што денес започнуваме да ја градиме нема да запреме, туку во текот на ова година ќе изградиме нов објект на градинката „Срничка“ со капацитет за прифаќање 200 дечиња. Во 2017 година, пак, во рамки на градинката „Буба Мара“ ќе изградиме уште еден нов објект со капацитет за 200 деца, истакна Коневски.

Инаку, изградбата на градинката е ветување кое премиерот го даде пред жителите од ова населено место при теренската посета во септември минатата година.