Горивата поскапеа пак, владата вели да се штеди, опозицијата обвинува

Од полноќ горивата се точат по поскапи цени. Дизелот е поскап за 8,5 денари, а бензинот за 3, 5 денари.

Според новото поскапување бензин – ЕУРОСУПЕР БС 95 чини 93 денари по литар, ЕУРОСУПЕР БС 98 – 95, денари. 

Регулаторна одлучи дизелот да чини 94 денари, додека маслото за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 90 денари. 

Цените на горивата ќе се менуваат на дневна основа додека трае енергетската криза.

Владата, вчера, како дел од пакетот мерки за ублажување за последиците од воениот конфликт во Украина предложи пролонгирање на еколошката такса за енергенсите. Се намалува и стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и акцизата врз основа на берзанските цени. Ќе има и ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.

Владата препорачува и штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, а дополнително задолжени се државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи.

За да се применат дел  од мерките ќе се менуваат законите за акцизата и за ДДВ, а како што порача премиерот Ковачевски, сите пратеници имаат одговорност и обврска пред граѓаните за да бидат изгласани. Измените на законите, според најавите од премиерот, уште денеска ќе се најдат пред пратениците. 

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владата предложила комплициран модел кој не гарантира намалување на цените на горивата.

-Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денеска предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата, рече на прес-конференција Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. 

Ако мерката за намалување на акцизата е премалку, дополни, намалувањето на ДДВ сигурно доаѓа предоцна. Некои мерки кои одамна се во сила, беа промовирани како нови, како што е на пример додатокот за енергетска сиромаштија кај примателите на социјална помош и слично, посочи Славевски, коментирајќи ги владините мерки.

Славевски рече и дека е само делумно објаснувањето на Владата дека инфлацијата е поради надворешни фактори и влијанија и посочи дека 40 проценти од стапката на инфлација се објаснува и се должи исклучиво на домашни фактори. Побара итен ребаланс на државниот буџет и укажа дека со кратење на непродуктивни трошења може да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Паралелно со ова, предложи да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија.