Голф-терени со пејнтбол игралишта, хотел и филмско студио ќе се градат во Скопје

Општина Зелениково во првиот обид не успеа да избере приватен партнер, односно концесионер што ќе го изгради, ќе оперира, управува и ќе го одржува спортско- рекреативниот центар за голф со придружни содржини во село Пакошево покрај Вардар.

Kако што објасни градоначалникот на Општина Зелениково, Веле Груевски, со своја понуда на објавениот конкурс се јавила само една фирма и тоа македонска, но нејзината понуда била несоодветна, па морале да го поништат тој конкурс.

Kонцесионерот во рок од шест месеци треба да ја изработи проектната документација и да ја достави кај јавниот партнер, односно Општината Зелениково, а спортско-рекреативниот центар за голф ќе треба да го изгради во рок од четири години, сметано од правосилноста на одобрението за градба.

Договорот за концесија ќе се склучи за период од 30 години, а по истекот терените за голф и објектите ќе бидат предадени во сопственост на Општината Зелениково.Во рамките на овој терен за голф е предвидено да има 18 дупки, на површина од 50,80 хектари. Освен тоа, ќе има подготвително игралиште за голф, како и сместувачки и угостителски капацитети и тоа минимум 10 бунгалови со по најмалку две легла. Предвиден е и кафе-бар со минимум 100 места.

Избраниот приватен партнер ќе треба просторот да го уреди хортикултурно со засадување 200 дрва. Партнерот ќе треба да набави минимум 15 колички за голф, два трактора и машина за косење гринови и треба да изгради сообраќајна инфраструктура со пристапен пат и мост на Вардар во согласност со техничките стандарди за изградба на вакви објекти.

Освен Општина Зелениково, и локалната власт од Петровец има намера на својата територија да располага со голф-терени за домашните и за гостите од соседните земји. Идејата датира од пред неколку години, по иницијатива на Владата. Понудено беше земјиште од околу 96 хектари за оваа намена, дури и се појавија неколку потенцијални инвеститори, но проектот не оживеа. Идејата на почетокот ја закочија имотно-правни односи, а потоа откако земјиштето се расчисти, се преговараше со британски, италијански и чешки инвеститори, но до договор не дојде. Една од причините беше и прескапото земјиште, на кое се жалеше заинтересираната британска групација „Реј Пауер“.

Покрај терените, на локацијата е предвидено и изградба на хотел и филмско студио.

Голф-терени со пејнтбол игралишта, но и парк, се предвидени и со Студијата за ревитализација на поранешната депонија „Вардариште“ во Гази Баба, како една од опциите за разубавување на овој простор. Просторот со површина од 41 хектар, најпрво треба да се исчисти од отпадни води и депониски гасови, но Град Скопје не е сигурен дека сето тоа може да го направи со сопствени пари и би барал поддршка од Владата.

Според проценките во студијата, за оваа инвестиција се потребни околу 11,2 милиони евра, а годишниот профит би бил 550.000 евра.