Голем дел од улиците во Скопје денес ќе бидат затворени за сообраќај

Во Скопје денеска ќе се одржат две спортски трки, поради што на повеќе локации низ градот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Првата трка, планинската „Водно-Матка Треилс 2026“, започнува во 7 часот, при што ќе има привремени затворања на сообраќајот на дел од патната мрежа. Според најавата, сообраќајот ќе биде затворан во три кратки интервали од по пет минути – од 7:00 до 7:05 часот, од 8:00 до 8:05 часот и од 9:00 до 9:05 часот.

Трката ќе стартува и ќе заврши во комплексот „Македонско село“, а трасата ќе се движи по дел од јавниот пат кон селото Горно Нерези, кај џамијата, по што ќе продолжи по планински патеки.

Во 10 часот е предвидена и улична трка во организација на Сојузот на спортови на Скопје. Трасата ќе започне од булеварот „Илинден“, кај фонтаната „Лотус“, ќе продолжи до крстосницата со булеварот „8-ми Септември“, каде учесниците ќе се вртат полукружно и ќе се враќаат назад до стартната позиција.

Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на сообраќајот, при што возилата ќе бидат пренасочувани по околните улици.

Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат упатствата и наредбите на полициските службеници на локациите каде што ќе се одвиваат настаните.