
Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија сподели изјава за предлог-законот за заштита од употреба на тутунски производи или сродни производи.
Од таму посочија дека како Групација за производство на цигари, во рамките на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Македонија, го ценат фактот што во текот на подготовката на Предлог-законот за заштита од употреба на тутунски производи и сродни производи била овозможена инклузивна комуникација со предлагачот на законското решение, при што дел од доставените забелешки, ставови и укажувања на деловната заедница биле земени предвид.
„Нагласуваме дека цврсто ги поддржуваме заложбите за засилување на заштитата на малолетните лица, вклучително и ограничувањето на пристапот, продажбата и употребата на тутунски и сродни производи од нивна страна - принцип кој и самите секојдневно го применуваме во нашето работење преку конкретни механизми и програми. Истовремено, го поддржуваме носењето на балансирани регулаторни решенија кои овозможуваат одржливост, препознатливост и диференцијација меѓу различните традиционални и нови тутунски производи, преку сите нивни специфики. Регулацијата на новите производи и понатаму треба да остане во фокусот на идната регулатива и нашата понатамошна соработка, каде ја нудиме целосната експертиза како мултинационални компании со светско искуство“, нагласија од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија.
Во разговорите, како што се вели во изјавата, укажале дека согласно нивните искуства, прекумерната регулација може да резултира со раст на нелегалната трговија и во овој контекст требало да се разгледуваат позитивните искуства на дел од земјите членки на Европската Унија.
„Стоиме на ставот дека сè уште има многу области каде што може и треба да продолжи конструктивниот дијалог меѓу сите засегнати страни, со цел соодветно регулирање на отворените прашања во регулаторната рамка и изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат соодветен баланс помеѓу јавно-здравствените приоритети, економската одржливост и усогласеноста со современите европски практики“, се порачува во изјавата.