„Го чувствуваме ли светиот празник Св. Климент повеќе од продолжен викенд?“ - праша професорката Алексиќ

Македонската православна црква денеска го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. 

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, со интересна објава на социјалните мрежи. Во својот став прашува „Го чувствуваме ли светиот празник Св. Климент повеќе од продолжен викенд?“. 

Алудира дека малку се знае за овие значајни датуми. 

- Кога би направиле улична анкета на денешниов ден и би ги прашале случајните минувачи дали знаат кој е првиот словенски универзитет, како се вика првата словенска азбука или што им значат датумите 5 мај 1945 и 7 јуни 1945 година, би добиле поразителни одговори, наведува Алексиќ. 

- Подобро да не прашуваме туку да се потсетиме за најсветото нешто на еден народ – јазикот. Често им сугерирам на учениците, кога патуваат низ светот и ги осознаваат туѓите култури, секогаш да пронаоѓаат траги од историјата и културата на својата нација, на својата држава и да не се чувствуваат инфериорно пред големината на другите држави и континенти, каде и да се. Да не беа Византијците, родени во Солун, браќата св.Кирил и св.Методиј, немаше да бидат ниту нивните продолжувачи на ликот и делото, нивните ученици Климент, Наум, Горазд, Сава и Ангелариј. Кога се патува во Италија треба да се види и Рим, не само зашто ,,сите патишта водат кон Рим “ туку дека таму бил и патот на светите мисионери, кои што во далечниот 9 век стасале кај римскиот папа Адријан, кој официјално ја признал словенската азбука, пиштува професорката.