Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против двајца браќа на возраст од 43 и 44 години, осомничени за обид за убиство извршен како соизвршители во селото Шишево.

Според обвинителството, на 6 јуни во близина на авто плац во селото Шишево, двајцата браќа „со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на двајца други оштетени“.
Како што соопшти Обвинителството, настанот бил поттикнат од претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и првоосомничениот, при разминување со возилата, се допреле со ретровизорите, по што започнала вербална расправија.
„Осомничениот го фатил за врат и му се заканил, но двајца сведоци на настанот успеале да ја смират ситуацијата“, наведуваат од Обвинителството.
Според истрагата, подоцна истиот ден оштетениот ја зел сопругата од работа и го повикал својот брат за да провери дали по истиот пат можат безбедно да се вратат назад. Во близина на местото на првиот инцидент, осомничените веќе ги чекале.
„Во една од грмушките, двајцата осомничени браќа со пиштоли ги очекувале да поминат“, соопшти Обвинителството.
Во моментот кога возилото поминало покрај нив, првоосомничениот испукал два куршуми.
„Првоосомничениот испукал два куршуми, при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, а ги загрозил и другите две лица“, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Од Обвинителството посочуваат дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и опасност осомничените да го повторат или довршат кривичното дело.
Против двајцата се води истрага за кривично дело „Убиство“ во обид.