Граѓаните на Скопје се револтирани од услугите на ЈСП. Велат дека дури и на високи температури, принудени се да чекаат автобуси и по половина час. Оние кои живеат во приградските подрачја се жалат дека чекаат и по еден час, а понекогаш и по два. Табличките покажуваат кога ќе дојде автобусот, но често се случува тој воопшто да не пристигне, споделија патниците. Покрај нередовноста, луѓето се жалат и на лошата хигиена во автобусите.
„Автобусите 67 и 51 се толку валкани што човек не сака да влезе внатре бидејќи може да добие инфекција. Климатизацијата не работи бидејќи автобусите трошат повеќе гориво. Ако не работат климите, зошто ги имаме во лето? Исто и во зима, нема греење'', вели еден граѓанин.
„Автобусите не се редовни. За време на викенд одам во општина Илинден и чекам по два или три часа. Постарите автобуси се оштетени, а новите се добри. Потребни се нови еколошки автобуси, ние не сме стока да се туркаме во автобуси", вели друг граѓанин.
Град Скопје денеска преку соопштение ја префрли вината за нефункционалните автобуси на претседателот на Советот, Трајко Славевски. Тие велат дека Славевски не ја става предлог-одлуката за набавка на еко-автобуси на дневен ред, што е спротивно на деловникот.
„Иако е доставена одлука за нови автобуси за следната седница, претседателот на Совет, Трајко Славески, спротивно на деловникот и статутот, воопшто не ја става точката на дневен ред за гласање. Единствена одговорност за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз", соопштија од Град Скопје.