Главниот кризен КОВИД-19 штаб и препорача на Владата учебната година да продолжи со настава од 1 февруари

Денеска со почеток во 20:00 часот се одржа првата седница на Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот, информираа од владината прес служба. 

Во соопштението се наведува дека седницата ја водел премиерот Ковачевски, а на истата присуствувале и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и претседателката на ЗЕЛС Данела Арсовска.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Караџовски ја презентирал актуелната епидемиолошка состојба со КОВИД-19, додека главна точка на дискусија биле опциите за продолжување со настава во тековната учебна година.

- Главниот кризен координативен штаб врз основа на дискусијата донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот, се вели во соопштението. 

Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба, додаваат од владината прес служба. 

Заклучокот е предложен до Владата и за него Владата ќе дискутира веќе на следната седница која се одржува вечерва во 21:30 часот.