Гласни забави во диви викендички и базени - скопско Волково под опсада од непочитувачите на законот

Диви викендички кои најчесто работат без регистрирана фирма и спротивно на законот, секојдневно го рушат раатот на граѓаните кои живеат во руралните делови на Скопје. Наместо, да уживаат во тишината и мирот на животот тие се жртви на нефункционалноста на државата и мака мачат со гласна музика и опијанети тинејџери. Музика до сабајле, пиење, алкохол и дрога е само дел од атмосферата на родендените и забавите што се организираат таму. 

Токму ваков проблем беше споделен во една од групите на социјалните мрежи, каде граѓаните на скопската населба Волково реагираат дека цела населба „ечи“ од неколку куќи која сопствениците ги изнајмуваат за забави.

Сега ги разбирам станарите што имаат кафулиња во нивна близина или во иста зграда. Цело време во „горно маало“, скоро секој ден „ечи“ од музика од една инста викендица што газите ја изнајнуваат. Претераа, секоја година во летен период исто како под прозор басови да имам“, гласи коментарот на револтираниот жител на Волково. 

Додаваат дека пријавуваат по неколку пати, но полицијата не презема ништо за решавање на проблемот и покрај тоа што токму тие се надлежни за превенирање на појави кои го нарушуваат јавниот ред и мир. Бараат институциите да ги преземат сите неопходни мерки за нормален живот и почитување на законот. 

„Полицијата треба да го реши овој проблем, наместо само да се шетаат со возила“, децидни се тие, адресирајќи го проблемот во државните институции кои треба да обезбедат ред.

Скопје Инфо побара одговор на оваа тема од институциите кои се надлежни за решавање на проблемот. Побаравме став од Министерството за внатрешни работи и Управата за јавна приходи.

Од полицијата, каде волковчани го вперуваат прстот на одговорност велат дека во текот на оваа година до нив има стигнато осум пријава, притоа во пет случаи било констатирано дека нема гласна музика, а во 3 три случаи против три лица биле преземени мерки со предупредување. Од полицијата не даваат одговорот дали и какви мерки презема институцијата за решавање на проблемот и заштита на граѓаните.

Од Управата за јавни приходи велат дека досега до нив е стигната една пријава, по која тие постапувале и презеле мерки за да утврдат дали се почитува  Законот за даночна постапка,Законот за регистрирање на готовински плаќања и  Законот  за данок на личен доход, кои се однесуваат на обврската  за пријавување на доходот кој го остварува физичкото лице од издавање во закуп и под закуп на недвижен имот. 

Тие истовремено апелираат до  граѓаните, доколку увидат неправилности од даночната сфера да пријават на телефонскиот број 198 , или да испратат е – маил на info@ujp.gov.mk.

„По пријавите, надлежните сектори преземаат понатамошни постапки, или ако има потреба по службена должност соработуваат со други институции со цел  преземање на понатамошни постапки.“, велат од Управата за јавна приходи во изјава за Скопје Инфо.

Притоа појаснуваат дека согласно Законот, доходот кој се остварува по основ на издавање во закуп или под закуп на станбени  простории, соби, апартмани, простории за одмор и рекреација (викендици), гаражи и сл. непосредно или  преку AirBnb, Booking.com, FB, Кајак, и други платформи подлежат на оданочување со данок на личен доход и истиот треба да се пријави во Управата за јавни приходи со поднесување на електронска пресметка (е-ППД) преку системот  „е-Даночни услуги“. 

Министерот за внатрешни работи неодамна најави бескомпромисна борба со овој проблем, воедно порача дека системот „Безбеден град“ многу набрзо ќе биде ставен во функција, и тоа првично во Скопје, Тетово и Куманово.

„Сите сакаме ред, кој не сака ред? Сите сакаме да има ред, сите сакаме да спиеме навечер без да има гласна музика, сите сакаме да имаме мир без да „летаат“ со 180 по „Партизанска“ и по другите булевари во Скопје. Над 95 проценти од луѓето, па и повеќе, сакаат да има ред и поредок. Е сега, за да имаме ред и поредок, еден од условите кои што, според мене, треба да ги сториме во иднина е целосна имплементација на „Безбеден град“, првично во Скопје, Тетово, Куманово“, истакна Тошковски.