Гласањето тече, но бавно и со низа потешкотии

Граѓаните кои утрово го остварија своето избирачко право велат дека гласањето на овие локални избори се одвива бавно и со низа потешкотии. Чекањето е значително подолго, а самата постапка на гласање се одвива отежнато поради воведувањето на читачите со кои се потврдува идентитетот на гласачите. Првичните информации кои стигнуваат од терен велат дека на многу места тие не функционираат и гласањето се одвива мануелно.

Првпат на Локалните избори 2021 во процесот на гласање се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите. За потребите на 3480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4000 терминали.

На екранот на уредот за биометриска идентификација на гласачите треба да се бидат прикажани следните податоци: Избори и датум на избори, моментално време, општина, број на избирачко место, вкупно регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале, распределба по род на гласачи кои гласале. Уредот треба да даде и податоци одзивот на гласачите во време на гласањето во интервал не подолг од два часа.

Уредот се активира за идентификација на гласачите со започнување на гласањето во избирачкото место.

Од вкупно 1.824.864 избирачи, до 9.30 часот до ДИК пристигнале податоци од 1.325 избирачки места или 38,07 отсто. Вкупен број на запишани избирачи во избирачки места од кои пристигнале податоци е 714.568, а вкупен број на избирачи кои гласале во избирачки места од кои пристигнале податоци е 23.468 или 3,28 отсто. Ова го соопшти на денешната прва прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.

Тој информира гласањето почна во 7 часот. Сите избирачки места се отворени од избирачките одбори и процесот на гласање е во тек и во најголем дел се одвива непречено.

-Во одредени избирачки места кои се во помал број се појавија одредени потешкотии околу ракувањето со уредите, дел од нив веќе се надминати, а дел тековно се отстрануваат со помош на техничките лица на самите избирачки места. Во некои избирачки места каде поради лоши отпечатоци не можат да се препознаат, гласањето тече со оставање отпечток во хартиениот избирачки список, во кои се запишани гласачите и им се овозможува да гласаат понатаму, изјави Даштевски.

ДИК, како што рече, испрати е-маил до сите ОИК кои ќе го проследат до избирачките одбори. Тоа се однесува за тоа доколку гласачот неспорно е идентификуван во избирачкиот список, а уредот за биометриска идентифиакција не го препознава и по неколку обиди, на гласачот му се дозволува да гласа со оставање отисок на прст во изводот од избирачкиот спсисок во графата за отисок на прст. Стариот начин на гласање со употреба на спреј и УВ-ламба се применува само ако уредот за биометриска идентифиакција на гласачот е неупотреблив или нема можност за негова замена.